Крушево преполно за Велигденските празници - полека се отвора сезоната за оваа година
Крушево преполно за Велигденските празници, како во приватното сместување, така и во хотелите. Гостите во најголем дел се од државава кои сакаат Велигденските празници да ги поминат во еден од нашите најубави градови, опкружен со прекрасна природа, а ќе имаат можноста да ги посетат и едни од најстарите цркви и манастири кај нас и да бидат дел од Велигденските богослужби кои ќе ги има таму.
„Околу 2.000 легла во Крушево се пополнети, се бара место повеќе. Оваа година туристичката понуда е зголемена, имаме доста настани кои започнуваат од Велигден, па траат во текот на целото лето. Ние како Општина Крушево сме во постојана комуникација со туристичкиот сектор, што е многу битно за да го претставиме Крушево како атрактивна дестинација за 4 сезони“, рече Наташа Папакоча, Општина Крушево.
Според издавачите на апартмани оваа бројка за Велигден зворува дека Крушево ќе има добра туристичка сезона која претстои.Особено при промоцијата на Зелената приказна, затоа што Крушево лани влезе помеѓу 100-те топ светски зелени дестинации во светот.
„Нудиме доста активности за сите туристи, домашни и странски, како што знаете параглајдингот тука е прва и главна активност која што ја нудиме, планински велосипедизам, тури со планинарење, пешачење, посета на музеи, внатрешни тури, посета на целиот град, значи има доста активности, адреналинскиот парк работи исто така. Понуда и на целокупното културно наследство што ние го имаме како град и сите традиции кои ние ги негуваме тука како крушевчани“, вели Леонора Ташкоска Крстеска, сопственик на приватни капацитети за издавање во Крушево.
„90% од гостите се наши, домашни туристи, македонци за овој празник. Инаку секогаш за продолжен викенд, обично за Велигден и другите продолжени викенди се бара место повеќе. Имаме и туристички места каде можат да направат и викенд скара надвор од хотелите, доколку временските прилики дозволуваат“, додаде Љубица Степаноска, менаџер на хотел.
Велигденските празници ја отвораат сезоната во Крушево, градот кој полека но сигурно ја изгради приказната дека ова место е дестинација за сите 4 сезони во годината.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
