Крвав напад во Краков: Најмалку шест загинати, уште три тела пронајдени во домот на напаѓачот

Најмалку шест лица се убиени, а 16 се ранети во вчерашниот вооружен напад во полскиот град Краков, додека уште три тела беа пронајдени во домот на напаѓачот, соопштија полските власти.
Полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш го оцени нападот како „терористички напад врз жителите на Краков“. Напаѓачот, кој беше застрелан и уапсен од страна на полицијата, е идентификуван како 24-годишен (според некои медиуми 25-годишен) полски државјанин од Швјентокшиското Војводство.
Министерот за внатрешни работи Марчин Кервински изјави дека напаѓачот имал „исклучително радикални ставови“ и бил приврзаник на екстремно десничарски идеологии.
Според полициските информации, мажот пукал по случаен избор од автомобил, при што убил четири жени и двајца мажи. Меѓу загинатите има и еден странски државјанин.
Меѓу ранетите има двајца полицајци, од кои едниот е во тешка состојба, и петмина странски државјани, меѓу кои има и државјани на Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија.
Премиерот Доналд Туск на прес-конференција во кризниот штаб соопшти дека во домот на осомничениот, забележани со дрон, биле пронајдени телата на уште две жени и еден маж, најверојатно негови блиски роднини.
Според локалните медиуми се претпоставува дека станува збор за неговите мајка, татко и сестра. Постојат сомневања дека во тој објект можеби биле поставени и експлозивни направи. Туск увери дека полицијата, безбедносните служби и обвинителството ќе направат сè за брзо да ги утврдат мотивите.
Нападот предизвика бран реакции и осуди низ цела Европа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени настанот како шокантен и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, го нарече нападот „трагедија чии последици ќе се почувствуваат далеку надвор од границите на Полска“, а сочувство изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е згрозен од случувањата и изрази солидарност со Полска, додека италијанската премиерка Џорџа Мелони го осуди нападот како „кукавички и неприфатлив чин на насилство“.
Австриската министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајзингер, предупреди на опасноста од екстремно десничарскиот екстремизам кој се потхранува кога нехуманата реторика станува прифатлива.
Краков е вториот по големина град во Полска, со повеќе од 800.000 жители и популарна туристичка дестинација. Неговиот историски центар, каде што се наоѓаат пазарниот плоштад, замокот и катедралата Вавел, е заштитен од УНЕСКО.
МИА
Ново на Сител
-

Хет-трик на Стефан Ристиќ за голема победа на македонската репрезентација до 17 години над Унгарија
-

Андовски: Алта банка АД Битола ги исполнувала сите супервизорски стандарди пред воведувањето администрација
-

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување
-

Културата како мост за поврзување со Јапонија
-

Мицкоски: Ваква енергетска криза немало досега, но поскапувања на струјата кај нас ќе нема
-

Казино во Кичево фатено како краде струја – со уред од црниот пазар манипулирале броила и направиле штета од 44.000 евра
-

Насилничките од Ѓорче Петров кои тераа 13-годишно девојче да јаде кучешки измет упатени во поправен дом
-

Јован од Струмица освои прво место на меѓународен шаховски турнир во Србија, победи двајца интермајстори и двајца фидемајстори
