Македонија
29. December 2025 - 16:29

Куче починало по престој во пансион – сомнежи за зараза со парвовироза, АХВ на терен

11-месечното куче на Ана Пејковска починало откако било оставено на чување во пансионот за кучиња „Ав, Ав, Хепи Дог“. Таа за Сител вели дека нејзиното милениче било заразено со парвовироза и кога си го земала дома било во критична состојба. Го однела на ветеринар, но инфузиите и терапиите не помогнале. Тврди дека од пансионот не и било кажано дека кучето е заразено, туку само дека не е расположено и не сака да јаде.

- Кучето не ми беше вратно само болно, туку во исклучително тешка состојба. Уште пред да влезе дома поврати жолта киселина, што според ветеринарите укажува на долготрајно нејадење и се онесвести. Истата вечер беше утврдено дека има парвовироза во понаредна фаза со сериозно влошени параметри и индикации на откажување на органи. Симптомите беа јасни, кучето беше изгладнето, дехидрирано, драстично ослабено, од 5 и пол килограми, паднато на под 4, со обилна крвава дијареа. Грижата не била пружена повеќе денови. Подоцна дознавме од ветеринар којшто го прегледал дента пред да ни го вратат дека имало крв во изметот, но тоа не ни беше воопшто соопштено – изјави таа.

Пејковска викендов го сподели своето сведоштво на социјалните мрежи и веднаш се појави лавина реакции. Граѓани кои однеле кучиња во пансионот почнале да ги тестираат и сфатиле дека се позитивни на вирусот. Еден од нив е и Александар Балинда.

- Го оставив таму на 22 декември кога патував со моето семејство во Германија на божиќни празници. На 27-ми вечерта кога го гледав изгледаше малку потресен, ослабен, под стрес, невпечатливо за него. Има симптоми. Кога го однесов на ветеринар виде дека има потечени крајници, можно е да сега во некоја прва фаза на болеста, или да има посилен имунитет па да не развие некои посилни симптоми. Се надевам дека така ќе остане, во моментов е на витамини, со специјална храна. „Ав,ав“ пробаа да избгегнат било каква одговорност. Пробаа да сокријат било како случување дека таму нешто се случува што довело до сите кучиња да се заразат и доколку не се случеше нешто вакво катастрофално како смртта на две кучиња досега, немаше ни да знаеме најверојатно – ни рече тој.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се прави вонреден надзор, а резултатите ќе бидат познати наскоро.

- Oфицијален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство во моментов спроведува контрола во пансионот. Напоменуваме дека со постоечките закони за здравствена заштита и за благосостојба на животните правно не е регулирана работата на пансиони и хотели за домашни миленици односно АХВ не ги регистрира или одобрува . АХВ во моментов постапува искучиво од аспект на здравствена заштита и спречување на ширење на заразни болести кај животните.

Од АХВ нагласија дека со новиот закон кој е во финална фаза на подготовка ќе биде регулирано и кои услови ќе треба да ги исполнат овие пансиони.

Сител се обиде да стапи во контакт и со „Ав, Ав, Хепи Дог“, но оттаму не одговорија на нашите повици. На нивната веб страна се вели дека кучињата се под 24 часовен надзор од стручни лица. „Додека вие патувате вашето куче ќе биде негувано со многу љубов и чувано без ланец, боксови или кафези. Секое куче има лична спална соба која му е на располагање 24 часа“, пишува на страната. Инаку според ценовникот, за еден месец престој, за мали кучиња се наплаќа 24 илјади денари, а за средни и големи кучиња 27 илјади денари.