Кујната во РЕК Битола затворена – Над сто работници со симптоми на труење со храна
Стотина вработени во РЕК Битола побарале помош на инфективното одделение во битолката клиничка болница поради сомневање за труење со храна. Речиси сите од нив се пожалиле на стомачни тегоби и повраќањем а по алармот до надлежните институции, инспекциските тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство и од ДСЗИ ја затворија главната кујна во комбинатот. Засега не се знае дали сомнежот за алиментарна интоксикација е од ручекот во вторникот или некој друг оброк.
- Да, имаме до сега околу 150 пријавени кои побарале лекарска помош, од вчера до денеска вкупен број. Од нив 50 до 60 се во дневна болница каде примаат соодветна секојдневна терапија а еден е лежечки пациент на интерно одделение, вели д-р Хараламбос Сидиропулос, раководител на инфективн оодделение во клиничка болница Битола.
Лекарите не ја исклучуваат можноста да се јават и други случаи. Инспекциските тимови на АХВ и Државниот санитарен и здравствен инспекторат земле бриссеви од работни површини, вработени и примероци од храна. Во централната кујна од ДСЗИ велат дека затекнале недостатоци во однос на одржување на хигиената.
- Под елементите во делот за готвење има остатоци од масни наслаги, во делот за обработка на месо, пластичните даски се со оштетена површина, во фиоките за чување на инвентар има нечистотии, миксерот за месо кој по изјава на присутниот шеф не се користи е со засушени остатоци од храна, во делот за миење на приборот одводот во мијалникот не функционира поради што е спроведена цевка до подната решетка, има прашина на болјерите за топла вода, вели Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
- Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица, велат од АХВ.
По големиот број на работници кои побарале лекарска помош се огласи и обвинителството.
- Во однос на сомненијата за труење со храна во РЕК Битола, Основното јавно обвинителство Битола е известено и ги координира дејствијата за целосно испитување на настанот.
Со соопштение излегоа и од Електрани Македонија, според кои на преглед се јавиле 81 лице, биле со лесна клиничка слика и сите биле на домашно лекување.
Ова укажува дека состојбата е под контрола и се третира со соодветна сериозност.
Дополнително, важно е да се напомене дека истата храна ја конзумирале и вработените во делот „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми, се вели во соопштението.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека инспекциската постапка продолжува.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
