Македонија
16. January 2024 - 16:52

КЗБ- Забрана за посети во болници, носење на маски во здравствени установи

46 годишна жена која починала вчера на Инфективна е шестата жртва на грип за период од три недели. Сите што ја изгубија битката со вирусот овој период биле невакцинирани и имале по неколку хронични заболувања. Лекарите со предупредување – инфлуенцата може да предизвика сериозни компликации со фатален исход.

- Починатата е релативно млада жена на 45-6 години и истата била со многу ризик фактори како голема обезност, хипертензија, ХОББ, и се тоа се ризики за тешка форма на грип, вели д-р Милена Стевановиќ директор на Клиника за Инфективни болести

Од вирусите доминира грипот и бројот на заразени е дури за 70 проценти повеќе во споредба со просекот од изминатите 13 години. За епидемиолошката состојба денеска дискутираше Комисијата за заразни болести од каде велат дека мора сите да мислат за заштита на најризичните групи, а една од мерките е вакцинацијата. 

- Препорачуваме задолжително носење на заштитни маски во здравствени установи и во старски домови и тоа од сите, препорачуваме и забрана за посети во болниците бидејќи сме во сезона на интензивни респираторни инфекции, вели проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисија за заразни болести 

Пикот на грипот допрва доаѓа и затоа од Комисијата со апел до граѓаните на совесно однесување. Засега нема дополнителни препораки од понеделник кога учениците се враќаат во училишните клупи освен доследно почитување на хигиенските мерки и проветрување. 

Апел за вакцинација и на децата со вакцината ДИ ТЕ ПЕР по двата случаи на голема кашлица кои беа регистрирани во земјата.