Од Македонија до Солун со лажен товар – „Вардарис“ разоткри меѓународен шверц на дрога
Расветлен е сложениот синџир за прекуграничен шверц на 325 килограми марихуана пронајдена во камион во Грција.. Акцијата за разбивање на организираната група за транспорт на дрогата, се одвивала под кодно име „Вардарис“, а, патот на марихуаната, го следел заеднички тим од три држави.. Во откривањето на планот, учествувале службите за борба со недозволена трговија со дрога на Македонија, Косово и Грција..
Клучната улога ја имал македонски државјанин, за кој е веќе одреден 30 дневен притвор.. Осомничен е дека сторил кривично дело, неовластено производство и промет со наркотични дроги.. Според јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, подготовките за транспортот на пронајдената марихуана, почнале пред шест месеци.. Првиот чекор го направил осомничениот македонски државјанин..
Кон крајот на февруари годинава, осомничениот набавил камион, а подоцна и приколка, па веднаш организирал наводен транспорт од Македонија до Турција, со транзит преку Бугарија.. Возилото било натоварено со бали стара пресувана хартија..
„Откако ги завршил царинските формалности, на 8 март 2026 година осомничениот со товарното возило и приколката ја напуштил македонската територија во правец кон Република Бугарија. Меѓутоа, наместо да продолжи кон Република Турција, се упатил кон Република Грција, каде возилото со приколката го оставил на изнајмен затворен плац во Солун“, велат од Јавното обвинителсто за организиран криминал и корупција..
Таму возилото стоело со месеци.. Македонскиот државјанин во меѓувреме се сретнал со уште двајца осомничени против кои постапка се води во Грција.. Со нив бил договорен понатамошниот транспорт на дрогата која требало да биде сокриена во товарот со рециклирана хартија.. Марихуната во вкупна тежина од 324 килограми и 470 грама, во камионот во посебно изработените бункери, била натоварена на почеток од неделава..
„По набавката на наркотичната дрога, двајца од осомничените, заедно со засега непознати лица, во периодот од 11 до 14 август 2026 година ја сместиле марихуаната во претходно направени отвори во балите со рециклирана хартија. На 14 август 2026 година, во рамките на акцијата „Вардарис“, полициски службеници во Република Грција лишиле од слобода двајца од осомничените и извршиле преглед и претрес на изнајмениот плац. Таму била пронајдена приколката, од која претходно биле отстранети регистарските ознаки. Во четири палети сместени во задниот дел од приколката и во уште четири палети пред неа била пронајдена марихуана“, велат од обвинителството..
Освен македонскиот државјанин, за случајот осомничени се уште три лица за кои од обвинителството велат дека ги гонат грчките служби.. Еден од нив, е во бегство.. Претходно, обвинителството информираше дека со акцијата за откривање на дрогата, бил уапсен и еден косовски државјанин..
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
