Македонија
14. November 2026 - 16:27

Мицкоски: Реформската агенда и клучните законски решенија ќе бидат заокружени до декември

До крајот на декември се очекува да бидат исполнети сите реформски законски обврски за кои Македонија доби грејс-период од Брисел. Владата најавува дека ќе ги финализира преостанатите чекори од Реформската агенда, по усогласувањето на забелешките со Брисел. Премиерот вели дека консултациите за пакетот од четири закони во областа на јавната администрација се во тек. Оптимист е дека постапката ќе биде завршена навреме.

Во правосудството, пак, се чекаат ставовите на Европската комисија за измените на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Отворени прашања има и околу финансирањето на Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет. Владата тврди дека за сите несогласувања е пронајден компромис кој е претставен пред ЕК.

Спорните прашања околу финансирањето и институционалната поставеност на Академијата за судии и обвинители се очекува да бидат расчистени следната недела.

Од законите за кои е доделен грејс-период, напредок се бележи и во дигиталната трансформација, додека во транспортниот сектор се чекаат мислења за пет закони. Во енергетиката остануваат уште два реформски чекора, чие завршување е најавено за ноември.

Законот за јавни набавки, кој е директно поврзан со Реформската агенда, доби зелено светло од парламентот. Со измените се предвидува зголемување на прагот за директни набавки, со цел поедноставување на постапките и спречување на нивното намерно одолговлекување. Мицкоски ги отфрли обвинувањата дека со измените се отвора простор за манипулации.

Од имплементацијата на реформските чекори ќе зависи и исплатата на средствата од Планот за раст.