Лабрадор вклучен во терапевтскиот процес на Клиниката за психијатрија

Куче од расата лабрадор, наречено Роџер, е вклучено во терапевтскиот процес на Универзитетската клиника за психијатрија.
- Ова е Роџер, најновиот член од нашиот тим на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија. Станува збор за 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, кој го удомивме неодамна и кој за исклучително кратко време се приспособи и на персоналот и на пациентите - нашиот четириножен колега е обожаван, едноставно, од сите! - стои во објавата на фејсбук-страница на Клиниката.
Причините за удомувањето на Роџер, според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, е имплементацијата на Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни) - структурирани, но неформализирани активности, во кои учествуваат избрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на Клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамките на групи, секогаш во придружба и со надзор на лица од нашиот стручен тим и, се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег сакаме да го поттикнеме и удомувањето кучиња како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.
За Роџер се обезбедени бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а во надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите со нивна согласност. Активностите на Роџер почнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата во кои има храна или лекови, a неколкупати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите доброволци од дневната болница, се наведува во објавата.
Лабрадорот, како што се посочува, е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на терапевтската средина.
„Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“, додава директорката на Клиниката за психијатрија.
Дополнително, лабрадорите бргу учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт - прифаќаат допири, галење и близина, без да покажат вознемиреност. Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој ни донесе многу позитивна енергија на Клиниката!, стои во објавата.
МИА
Ново на Сител
-

Тепачка на скопскиот аеродром
-

Приведено лице од кумановско, со возило удрил и физички нападнал полициски службеник
-

Забранети уште 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307
-

Николоски - Агелер: Македонија и САД се стратешки партнери, кои ќе продолжат да работат на јакнење на економските врски и на суштинските реформи
-

Бебето што почина било хоспитализирано поради обилно повраќање, соопшти болницата во Кавадарци
-

УХМР: Викендов постудено - дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините
-

Почнува европската воена мисија на Гренланд
-

Гаши: Треба да се повтори огласот за член на Судски совет бидејќи има нов Закон
