Лабудовиќ од КОСАП: Балканот мора да стане енергетски коридор на Европа, а не периферија на транзицијата

Енергетската сигурност, забрзаната зелена транзиција и регионалното поврзување беа во фокусот на обраќањето на заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ на XXIII Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција и европски прашања (КОСАП), што се одржа во Струга.
Обраќајќи се пред претставници на институции и парламентарни тела од земјите од Југоисточна Европа, Лабудовиќ истакна дека енергетската сигурност повеќе не може да се третира како национално прашање, туку како заедничка регионална и европска одговорност која бара координиран пристап, инвестиции и силна меѓусебна соработка.
Во своето излагање тој се осврна на новиот Закон за енергетика, кој е усогласен со европското законодавство, нагласувајќи дека реформите мора да обезбедат реални придобивки за економијата и стопанството.
„Зелената транзиција е неопходна, но таа мора да биде праведна и економски одржлива. Механизмите како CBAM не смеат да ја намалат конкурентноста на компаниите од регионот, туку треба да создадат услови за нивен развој и модернизација“, порача Лабудовиќ.
Говорејќи за енергетската трансформација, заменик-министерот нагласи дека Македонија интензивно работи на забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија, но и на развој на системи кои ќе обезбедат стабилност и сигурност на мрежата.
Тој посочи дека покрај изградбата на нови соларни и ветерни капацитети, фокусот е ставен на батериските системи за складирање на енергија и на проекти што ќе овозможат поефикасно искористување на хидропотенцијалот, како клучни предуслови за успешно балансирање на енергетскиот систем.
Посебен акцент беше ставен и на модернизацијата на електроенергетската инфраструктура преку развој на паметни мрежи (Smart Grids), кои ќе овозможат поголема ефикасност, подобро управување со ресурсите и активно учество на граѓаните и компаниите во производството на електрична енергија.
„Не можеме да градиме енергетски системи на иднината врз инфраструктура од минатиот век. Дигитализацијата и паметните мрежи создаваат услови секој граѓанин и секоја компанија да станат активни учесници на пазарот и дел од енергетската транзиција“, истакна Лабудовиќ.
Во рамките на конференцијата беше нагласена и важноста од изградба на нови енергетски интерконекции со соседните земји, со што Западен Балкан ќе се позиционира како значаен регионален коридор за пренос на чиста енергија и зајакнување на енергетската безбедност.
Лабудовиќ потенцираше дека паралелно со процесот на дигитализација, заштитата на критичната енергетска инфраструктура и кибер-безбедноста на мрежите претставуваат врвен стратешки приоритет.
Учеството на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на КОСАП конференцијата претставува потврда за активната улога на Македонија во регионалните и европските процеси, насочени кон создавање на модерен, отпорен и одржлив енергетски систем во корист на граѓаните и стопанството.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски оптимист по средбите со Мерц и Макрон
-

Филипче: Самитот во Тиват испрати јасен сигнал дека западниот Балкан припаѓа во ЕУ
-

Почна полагањето на државната матура - над 14.500 ученици седнаа на жешките столчиња
-

Се крои новата цена на парното, старите цевки летово ќе поминат „стрес-тест“
-

ИЈЗ го отвори првото државно психолошко советувалиште за деца и младинци
-

Струмичката болница доби кабинет за менаџирање на дебелината
-

Ургентен центар за два региони во КБ - Штип
-

Марш за Скопје без бариери
