Лавров: Учеството на севернокорејските војници во Курскиот регион го покажува непобедливото братство со Русија
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека учеството на севернокорејските војници во борбите во рускиот Курски регион е директна потврда за „непобедливото воено братство“ меѓу двете земји.
Зборувајќи на средбата со својот домаќин, севернокорејскиот министер за надворешни работи, Чои Сон Хје во Вонсан, Лавров рече дека во претходната рунда стратешки преговори, Северна Кореја го оценила новиот билатерален договор како „темел“ на тоа братство, јавија руските медиуми.
-Оваа ваша проценка доби практична потврда во Курскиот регион, каде што војниците на Корејската народна армија, заедно со руските борци, по цена на нивната крв, па дури и на нивните животи, придонесоа за ослободувањето на тој регион од украинските нацисти, рече Лавров.
Според руските медиуми, Лавров со тоа нагласи дека партнерството меѓу Москва и Пјонгјанг се продлабочува и на терен, а не само преку политичка и стратешка соработка.
Шефот на руската дипломатија вчера пристигна во крајбрежниот град Вонсан, во рамките на неговата посета на Северна Кореја.
Оваа посета е дел од сè поинтензивната соработка меѓу двете земји, која неодамна беше дополнително продлабочена со потпишувањето на договор за меѓусебна одбрана.
Јужнокорејското разузнавање објави дека Северна Кореја би можела да распореди дополнителни војници во јули или август, откако веќе испрати повеќе од 10.000 војници да се борат на страната на Русија во војната против Украина.
Исто така, потврдено е дека Северна Кореја се согласила да испрати 6.000 воени инженери и градежни работници за обнова на рускиот регион Курск, што е разорен од војната.
Пред посетата, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека рускиот министер ќе учествува во втората рунда стратешки дијалог меѓу Русија и Северна Кореја на ниво на раководители на оддели за надворешна политика, заедно со севернокорејскиот министер за надворешни работи, Чои Сон Хје. Првата рунда разговори се одржа во Москва во јануари 2024 година.
Туристичката зона во Вонсан, на брегот на Јапонското Море во источниот дел на Северна Кореја, беше официјално отворена кон крајот на јуни. Новиот туристички хотелски комплекс е изграден како дел од проектот на Ким Џонг Ун за изградба на културна и рекреативна зона од „светска класа“.
Руските медиуми наведуваат дека по посетата на Северна Кореја Лавров ќе отпатува во Кина за да учествува на состанокот на Шангајската организација за соработка (ШОС), што ќе се одржи во понеделник и вторник.
Ново на Сител
-
Без вода дел од стар Аеродром
-
МВР: Нормализиран протокот на граничните премини, не е точно дека е вратен стариот систем на контрола на ГП Блаце
-
Трамп објави царини од 30 отсто за Мексико и Европската Унија
-
Мицкоски за можна вмешаност на функционер од ДУИ во пожарите: Aко се потврди вина, ќе биде проблем за некои!
-
Битолчанец фрлил експлозивна направа на улица, оштетил седум автомобили
-
Автомобил без контрола се движел кон полицајци, дрвокрадци рипнале од него во движење
-
Припадникот на АРМ бил убиен бидејќи неговата ќерка одбила да се мажи со лицето кое пукало
-
OJO бара притвор за напаѓачот на Арсовска