Македонија
5. September 2025 - 16:33

Лекарска комора ќе прави вонреден стручен надзор по добивање на документацијата за 8-те сомнителни случаи

Интерната 15-члена комисија денеска почна да ги проверува 8-те сомнителни случаи за непотребни кардиолошки и кардиохируршки операции.  Досиејата за овие пациенти заедно со ангиографски филмови вчера до Министерството и фондот за здравствено осигурување ги доставиле 16 лекари од клиниката за кардиологија и државната кардиохирургија.

-Сметаме дека има одредени неправилности во индикациите за оперативен третман, напишале во дописот до надлежните. 

Дали и покрај уреден наод од одредена дијагностична процедура имало хируршка интервенција без потреба е одговорот што го чекаат сите по наводите на доктор Сашко Кедев дека во приватни болници правеле операции без медицинска индикација за тоа. 

Со вонреден стручен надзор на истите случаи се вклучува и Лекарската Комора, но откако ќе ја добијат потребната документација. Комисијата што ќе ги разгледува случаите ќе биде анонимна а извештајот ќе го достават до нарачателот.

-Многу е сериозно да кажете, некој што е опериран дека не требало да биде опериран. Мора да се види од сите аспекти, сите можни документи да се проверат ако нешто недостасува да се соберат. Јас не можам да кажам динамика, но вообичаено, луѓето што се бираат во тие комиси за вонреден стручен надзор се многу професионални, вели д-р калина Гривчева Старделова, претседател на ЛКМ.  

Комисиите се активираа по тврдењата на доктор Кедев а министерот за здравство кажа дека со години немало стручен надзор од институциите штои се задолжени за тоа. Лекарската комора вели има правила по кои тие постапуваат. 

-Таа листа од здравствени установи каде би оделе да правиме редовен надзор, праќаме во Министерството за здравство за да добиеме дозвола да влеземе во болничка установа, не може туку така да отидеме – дојдов јас. Неколку години наназад уредно, еднаш и два три пати праќаме, но немаме одговор  и затоа не се направени редовните надзори, вели Старделова. 

Инаку се уште се чека и на официјализирање на тричлената странска комисија, која според министерот Алиу ќе ја сочинувале врвни и познати лекари од Словенија, Италија и Австрија.