Линијата „Ало докторе“ не работи
Дали Министерството за здравство ја укина линијата “Ало докторе”?
Изминатите денови повеќе граѓани реагираа до Сител дека иако по неколку пати вртеле за лекарски совет на (02) 151 23 никој не им се јавувал, па биле приморани да бараат консултација на телефонот на Брза помош од каде пак им потврдиле дека после Нова година “Ало докторе” не функционира.
Истото за Сител го потврдија и извори кои се запознаени со функционирањето на услугата.
Сител неколку пати сврте на телефонскиот број и постојано го добивавме следниот одговор:
-Ја добивте услугата “Ало докторе”....
-Во моментот сите лекари се зафатени...
Од Министерството за здравство потврдуваат дека периодов повикувачкиот центар не функционира.
-Во тек се проценки согласно досега покажаниот интерес во однос на понатамошно функционирање на оваа активност преку Програмата здравје за сите, одговорија кратко од здравство.
Линијата за лекарски совети “Ало докторе” беше отворена во септември 2014 година и до пред извесно време функционираше 24 часа во објектот каде се наоѓа скопската Брза помош.
Во изминатите повеќе од 8 години на 151 23 се јавиле стотици илјади граѓани од цела Македонија. Повеќето од нив барале совет во ноќните часови најчесто поради кардиоваскуларни и респираторни симптоми, настинка, кашлица или покачена температура.
Во повикувачкиот центар беа ангажирани 20 –тина искусни лекари, а целта на оваа програма беше да се растерети Службата 194 и граѓаните кои немаат итна потреба од лекарска интервенција да можат за медицинска консултација да се јават на “Ало докторе”, а со тоа да отстапат простор на оние кои се во животозагрозувачка состојба.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар