Љутков: Македонскиот јазик не е политичко прашање, туку национална вредност

Недоследната и нефункционална примена на Законот за употребата на македонскиот јазик е резултат на долгогодишно отсуство на системски пристап, институционална инерција и недоволна политичка волја. Затоа, денес треба да зборуваме со факти, а не со политички квалификации.
Македонскиот јазик заслужува единствен национален пристап, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков во обраќањето на надзорната расправа „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик“, што се одржа денеска во рамки на седницата на собраниската Комисија за култура.
Тој истакна дека Законот е донесен со широк парламентарен консензус на почетокот на 2024 година, а функцијата министер ја презел неколку месеци подоцна, во услови кога не бил воспоставен Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, ниту биле создадени услови за негово оперативно функционирање.
Посочи дека во изминатиот период е формиран Советот за македонски јазик, започната е подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик, лекторските испити се спроведуваат континуирано, а за првпат е воспоставен Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, кој веќе има вработени инспектори што се во процес на обука.
Љутков информираше и дека Владата ги задолжила институциите да обезбедат доследно почитување на законските обврски во однос на ангажирањето лектори, додека податоците што се прибираат ќе бидат основа за креирање на Националната стратегија за македонскиот јазик.
Осврнувајќи се на афирмацијата на македонскиот јазик надвор од државата, министерот потенцираше дека во моментов функционираат 12 лекторати по македонски јазик во 11 земји, а во последните три години се отворени нови лекторати во Тирана, Нитра и Неапол.
-Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што доследно ги исполнува своите обврски - порача министерот Љутков.
Одговарајќи на прашање на пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ за тоа кога првпат побарал вработување инспектори, Љутков рече дека за членот 7 и лекторската дејност, лекторскиот испит се спроведува непречено секој месец без прекин од февруари 2024 година до денес.
-Системот на лиценцирање функционира исправно и тврдењето дека не постои систем не е точно. Тоа што недостига се конкретни огласи за вработување лектори во државните институции кои од наша страна со информација на Влада се информирани и задолжени да ги почитуваат одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик. Во мај 2025 е донесен законот за изменување и дополнување и конечно се воспостави инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Тоа е првпат во историјата на државата да постои таква институција и денес инспекторатот ги има своите први вработени лица, во тек е нивна обука и штом таа заврши првпат ќе имаме инспектори по македонски јазик подготвени реално да го вршат надзорот, рече Љутков.
Тој појасни дека заедно со директорката на Инспекторатот доставиле информација до Владата за состојбата на стручен кадар со звање лектор во органите на државната управа. Владата, нагласи министерот, ги задолжи институциите да достават конкретни податоци за вработени лектори, резултати кои директно ќе се вградат во националните стратегии и за култура и за македонски јазик.
-Буџетот за култура е зголемен за 750 милиони денари. Тоа не е доказ дека се функционира совршено, но е доказ дека ресурсите за спроведување политики вклучително и јазичната постојат и растат. Тврдењето дека Министерството не е заинтересирано за македонскиот јазик не соодветствува со фактите. Нема да прифатам ниту едно политичко лицемерие од оние кои со години не изградиле функционален систем денес да се претставуваат како единствени чувари на стандардот што самите не го заштитиле. Македонскиот јазик заслужува единствен национален пристап. Функционалноста и недоследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик не е проблем што ни паднал од небо, туку е последица на долгогодишно неодговорно управување, институционална летаргија и политичка неискреност, истакна Љутков.
Потенцира дека нивната обврска е многу јасна, македонскиот јазик да добие вистинска, жива, доследна и достоинствена институционална заштита, не само на хартија и политички соопштенија, туку во секоја институција, во секој документ и државна постапка.
-Во 2019 година претходната влада ја имаше првата расправа за законот за македонски јазик. Од 120 луѓе колку што бевме во Институтот за македонски јазик, 119 луѓе дадоа негативна критика за законот. Тоа беше срамно да се слуша. Откако се повлече таа јавна расправа од 2019 до 2024 година не преземавте ништо за македонскиот јазик. Како комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ ве молевме да го спакувате законот, додаде Љутков.
Одговарајќи на прашање на пратеничката Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека седум години се чекало да се донесе Законот за македонски јазик.
Директорката на Инспекторатот за македонски јазик Менче Андреева во обраќањето рече дека сите институционални постапки кои ги започнале успешно ги завршиле, навреме доставиле стратешки план на инспекторатот за 2025/2027 година, годишен план за работа, годишен извештај и годишен план за работа на инспекторатот за 2026 година.
-За мене како директор приоритетна цел во изминатиот период беше вработување инспектори по македонски јазик, правев напори тоа да се случи што поскоро и целосно бев насочена кон екипирање на Инспекторатот. Започнавме постапка за вработување пет инспектори по македонски јазик. Имаме доставено барање за објавување јавна набавка за нова веб страница на Инспекторатот и во очекување сме на 300.000 денари за компјутерска опрема, истакна Андреева.
МИА
Ново на Сител
-

ЦУК: Вкупно 14 пожари на отворено, два сѐ уште активни
-

Ѓорѓиевски: Со пуштање на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ и Градскиот воз, Скопје ќе добие поефикасен и побрз сообраќај
-

Ѓорѓиевски: Наскоро тендер за целосно сервисирање на жичницата, остранувањето на дивоградбите продолжува
-

Оперативна акција Global Chain за сузбивање на трговија со луѓе: Откриени три кривични дела и 49 прекршоци во нашата држава
-

Трамп: Или ќе биде постигнат договор со Иран или САД ќе ја довршат работата
-

Јаневска: Околу 30 ученици испратени на меѓународни научни олимпијади без грижа за трошоци
-

ОЈО Скопје бара мерки на претпазливост за три лица за насилство врз дете во Маџари
-

Трамп: Решавањето на украинскиот конфликт е поблиску отколку што мислат луѓето
