Локални избори 2025: Последен ден за поднесување кандидатури за градоначалници

Сите оние кои што сакаат да се кандидираат на Локалните избори 2025 година закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје тоа ќе можат да го направат преку своите овластени предлагачи до полноќ во просториите на Општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).
ОИК по приемот на листата на кандидати, утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, како и дали кандидатите за градоначалник ги исполнуваат условите предвидени во член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку проверка на податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции.
Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите се должни да ги достават во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.
Според Роковникот за изборни дејствија на ДИК, ако ОИК или ИКГС утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.
Доколку се утврди дека во листата има одделни неправилности, ОИК/ИКГС ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата да ги отстрани неправилностите во рок од 48 часа од приемот на известувањето на комисијата за неправилностите.
Листата ќе биде потврдена со решение доколку во законскиот рок се отстранат овие неправилности.
Во случај на неправилности од членот 67 став (2) од Изборниот законик, подносителот на листата може да го замени предложениот кандидат што не ги исполнува условите со нов кандидат во истиот рок од 48 часа и за истиот е должен самиот да ги обезбеди доказите за исполнување на условите предвидени во член 7 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик.
Подносителите на листи или кандидатура можат преку своите овластени претставници да поднесат писмено барање за повлекување на листата односно кандидатурата во рок од 48 часа од донесување на решението за потврдување на конечните листи од согласно членот 67 став (5) од Изборниот законик.
Кога се работи за повлекување на кандидатската листа истата единствено може да се повлече во целост.
Листа на кандидат за градоначалник односно листа на кандидати за членови на совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и градот Скопје.
Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите општини и градот Скопје, a во општината односно градот Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.
Листите на кандидат/и предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно градот Скопје, имаат ист реден број.
ДИК во соработка со ОИК/ИКГС, за активностите што ќе ги превземе во согласност со Изборниот законик, задолжително претходно ги известува овластените претставници на подносителите на листите.
Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември. Најдоцна еден ден пред одржување на ждрепката ДИК и ОИК/ИКГС ги известуваат овластените претставници за одржување на ждрепката.
ОИК / ИКГС утврдената единствена листа на кандидат/и ќе ги огласи најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината.
Утврдените листи на кандидат/и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се објавуваат покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина, најдоцна на 25 септември, до 24:00часот.
Најдоцна до 27 септември, пак, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори.
МИА
Ново на Сител
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
-

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар | ВИДЕО
-

Предметот против против Груби и уште седуммина за „Државна лотарија“ почнува на 24 август
-

Пожар на првиот крак на Халкидики – пораки од бројот 112 за евакуација на Сивири и Фурка
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
