Македонија
30. May 2022 - 16:37

Лозово бара помош од Владата

По вчерашното невреме, проследено со интензивни врнежи од град, локалната самоуправа на Лозово на вонредна седница на Совет одлучи да формира две комисии за утврдување на штети. Едната ќе утврдува материјална штета на движен и недвижен имот, а втората на земјоделските посеви.

- Станува збор за многу сериозни штети на земјоделсните посеви, на житните култури, лозовите насади, овоштарниците, пластениците исто така се пробиени и уништени во целост, изјави Бошко Цветковски, градоначалник на Лозово.

90 % од жителите на општината егзистираат од земјоделство. Ова е тежок удар за локалната економија, зашто на повеќегодишните насади ќе им бидат потребни 2 до 3 години да се вратат во кондиција, односно на максималните приноси.

- Самиот град беше во вид на топче за голф, обилен, со тоа што направи непоценливи штети на територијата на општина Лозово, изјави Горан Велков, земјоделец.

Има и оштетени автомобили, а поради скршена кровна конструкција едно социјално загрозено семејство било под закана да биде поплавено во сопствената куќа.

- Висечки елементи, кујна, теписи, шпориња, се е лом, се е поплавено и скршено, изјави Олга Сребреновска, жителка на Лозово.

- Ќе интеревенираме, ќе помогнеме во нашите граници и можности и се надеваме дека барем на ранливите фамилии ќе им излеземе во пресрет, изјави Владе Миланов, претседвач на Советот.

Бидејќи општината е со лимитиран буџет, Советот одлучи да побара финансиска помош од централната власт за надомест на штета на земјоделските површини.