Свет
25. November 2026 - 8:49

Лукашенко му нуди на Зеленски заедничко патување во Москва: „Ќе седам до него како гарант за безбедност“

Белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, предложи заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски да отпатува во Москва на преговори за прекин на војната во Украина.

Лукашенко, кој дозволи Русија да ја користи територијата на Белорусија за инвазија врз Украина во февруари 2022 година, во синоќа објавеното интервју за францускиот весник „Ле Поан“ (Le Point) изјави дека според него руските сили победуваат на бојното поле.

Путин одамна му предлага на Зеленски да дојде во Москва на преговори за решавање на конфликтот. Украинскиот претседател ја отфрла таквата можност, но истовремено изјавува дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер на други, „понeутрални“ локации.

-Володја (Володимир) Зеленски и јас би можеле едноставно да одиме, да отпатуваме со авион во Москва. Заедно. Како гарант на неговата безбедност, би можел да седам до него и заедно да отпатуваме во Москва, изјави Лукашенко.

На претпоставката дека Зеленски веројатно не би се согласил со таков предлог, Лукашенко одговори: „Ако не се согласи, нека продолжи да војува. Нека оди на фронтот со автомат и нека се бори. Војната продолжува. Таа мора да биде запрена. А ние би можеле да постигнеме договор“.

Лукашенко изјави и дека руските сили напредуваат бавно, но ја добиваат војната.

-Претседателот Путин сè уште победува на фронтот. Така стојат работите, истакна белорускиот претседател.

Руската војска тврди дека нејзините сили напредуваат долж линијата на фронтот долга 1.200 километри. Тие напредуваат во источната област Доњецк, но линијата на фронтот во голема мера е непроменета со месеци.

Зеленски ја осудува улогата на Лукашенко во конфликтот, а во јуни се закани со украински одговор доколку белорускиот лидер не ја отстрани опремата за следење, за која тврди дека ѝ помага на Русија да изведува напади.

Лукашенко, кој западните земји долго време го обвинуваат за кршење на човековите права, откако дојде на власт во 1994 година, оцени дека обновувањето на преговорите меѓу Русија и Украина, со учество на САД, претходно овој месец е позитивен развој.

Тој ја поздрави можноста европски преговарачи да учествуваат во следните рунди разговори, но изјави дека трите главни словенски држави - Русија, Украина и Белорусија - треба да најдат решение за проблемите во регионот.

-Би постигнале договор побрзо од вас (Европејците) за прекинот на оваа војна, идните договори и слично, изјави Лукашенко, изразувајќи уверување дека „луѓето би го прифатиле тоа“.

 

МИА