Маѓар: Унгарија нема да прифати буџет на ЕУ, за кој би требало поголеми придонеси

Унгарија не може да прифати предлог за следниот седумгодишен буџет на Европската унија, што би резултирал со намалување на доделените средства, изјави денеска во Брисел премиерот Петер Маѓар.
Тој, во видеопорака објавена на „Фејсбук“ од маргините на самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ, истакна дека „најважниот дел допрва претстои – вистинското пазарење“ во преговорите за следниот седумгодишен буџет на Унијата.
Маѓар посочи дека Унгарија веќе јасно ставила до знаење оти не може да прифати буџетски предлог што би барал од неа поголеми придонеси. Наместо тоа, земјата се залага за долгорочен буџет на ЕУ во кој традиционалните политики, како што се кохезионата политика и заедничката земјоделска политика, ќе бидат финансирани на приближно ниво од претходните години.
– Унгарија, заедно со неколку други земји членки исто така јасно стави до знаење дека не може да прифати предлог што на кој било начин го поврзува прашањето за финансирање на Украина со следниот седумгодишен буџет на ЕУ, истакна Маѓар.
Тој додаде дека претходно, во текот на денот, одржал консултации со претставници на група од 17 земји членки на ЕУ, позната како „Пријатели на кохезијата“, и дека одржуваат постојан контакт со Вишеградската група, со цел заемно да ги зајакнат своите позиции.
– Заедно, обединети, ги браниме и кохезионата политика и интересите на Централна Европа, наведе Маѓар, додавајќи оти „Унгарските интереси, интересите на унгарскиот народ и на унгарските бизниси, се на прво место“.
На дневниот ред на состанокот на Европскиот совет, што почна денеска, се наоѓа финализирањето на следниот седумгодишен финансиски рамковен план на ЕУ, кој го опфаќа периодот по 2027 година, како и обезбедувањето средства за Украина за 2027 година.
МИА
Ново на Сител
-

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за 2027 ќе донесе економски раст
-

Битиќи: Власта не ги прифаќа нашите амандмани
-

Левица со предлог измени на Законот за урбанистичко планирање
-

Докторите бараат обезбедување
-

Секој втор Македонец пуши цигари
-

Со европски пари се обновува штипско Ново Село
-

Преглед на вестите од светот
-

Пофалби од Атина за напредокот на Македонија кон ЕУ - Средба на Муцунски и Герапетритис
