Македонија изгубила речиси 250 000 граѓани за една деценија, објави ЕВРОСТАТ
Македонија изгубила 11,4% од населението изминатата деценија објави ЕВРОСТАТ. Или во апсолутни бројки, според статистичката агенција на ЕУ, тоа се близу 250 000 граѓани помалку
Со овие бројки Македонија е на трето место по пад на населението во Европа. Пред нас се само Албанија и Бугарија.
Бројките се алармантни и без итни и сеопфатни мерки, Македонија ризикува да стане земја на празни домови и изгубени генерации, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика Дончо Герасимовски, кои со години го следи падот на наталитетот.
Тешката финансиска состојба, но и корупцијата и невладеењето на правото, неквалитетно образование и здравство, загадениот воздух, политичката неизвесност и нестабилност се најчестите фактори кои ја поттикнуваат желбата за иселување. Токму во овие сектори државата треба да има прецизна стратегија.
ЕВРОСТАТ постојано ја вклучува Македонија во земјите со најголема стапка на емиграција во однос на бројот на жители. Според нивните анализи, стотици илјади македонски граѓани добиле работни, или дозволи за престој во земјите од ЕУ, најмногу во Германија, Швајцарија, Шведска и Австрија.
Во борбата со падот на наталитетот Владата најави и низа мерки, драстично зголемување на еднократната финансиска помош за прво и второ дете и близинаци, поврат на данок на личен доход за мајки, државата ќе финансисра и 6 обиди за ин витро оплодување, а ќе се градат и повеќе детски градинки.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар