Македонија
11. September 2025 - 16:33

Македониумот под вода, Љутков најавува реконструкција

Цели вирови вода го пречекаа министерот за култура Зоран Љутков при денешната посета на Македониумот во Крушево. Оваа тажна слика во еден од нашите најзначајни споменици за жал се појавува со години после секој заврнат дожд. А што е уште потрагично никој не презема ништо. Македониумот се  претвора во базен, а посетителите од Македонија и странство се чудат како е можно да има една ваква негрижа за културното и историско богатство. Министерот најави интервентни 30.000 евра од Владата за да се спречи оваа состојба, а од идната годна треба да започне процес на целосна реконструкција и конзервација на овој споменик.

„Во 2014 година е направен проект и почнати се големи зафати на Македониумот, во 2017 година е поставено скеле од надвор, тоа можете да го видите и од фотографиите и е почнат процесот на целосна реконструкција. Но на крајот на 2017 кога доаѓа претходната власт го трга скелето и 7 години нема никаква интервенција во Македониумот, што  е навистина жално, тажно и го покажува фактот на една безобзирна и неодговорна власт во претходните 7 години“, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Во периодот кој следува, пред сезоната на поголеми дождови и снегови ќе следува заштита на Македониумот на неговите најкритични делови од каде течи водата внатре, а тоа се витражните стакла чија конструкција е уништена.

„Најкритичните точки каде што има протекување во објектот, ќе има заштита, ќе видиме според Законот за заштита на културно наследство, таа привремена заштита трае од 1 до 2 години, во зависност како ќе се одвиваат работите. Се надевам дека проектот со голема поддршка од Министерството и Музејот од Крушево ќе можеме да го сработиме комплетно“, изјави Мимоза Христоска, директорка на Завод и музеј Прилеп.

Бидејќи за жал Македонија не располага со стручен кадар за вакви витражни стакла, ќе треба реконструкцијата и конзервацијата да ја извршат стручни лица од странство.