Македонски пациенти ќе се лекуваат, а лекари ќе се обучуваат во медицинскиот центар Хадаса
Македонски лекари ќе учат нови методи во реномираниот медицински центар Хадаса во Ерусалим. Од друга страна еминентни стручњаци од оваа болница ќе доаѓаат во земјава и ќе вршат тренинзи на наши доктори во сегменти каде се понапредни за воспоставување дијагнози и третман на болести. Исто така пациенти од Македонија ќе се праќаат на лекување во Израел. Ова со менаџментот на медицинскиот Центар го договори премиерот Никола Груевски за време на посетата на Центарот. Попладнево овластени лица од двете страни потпишаа Меморандум за соработка.
-При средбата со менаџментот истакнав дека во областа на јавното здравство Владата е заинтересирана за размена на искуства и споделување на најсовремените техники и знаења од областа на медицината, а Хадаса медицинскиот центар е одличен субјект за таков вид на соработка. Можни се и остварувања на други продлабочени форми на соработка со цел воведување на позитивните пракси од ваквите напредни центри во македонското здравство, изјави Никола Груевски, Премиер на Р. Македонија.
Од страна на менаџментот на болницата Хадаса беше посочено дека тие се отворени за соработка и позитивно ги оценија заложбите на македонската Влада за размена на искуства меѓу здравствените системи на двете држави, од што корист од дополнително обучениот медицински кадар би имале пациентите.
-Многу сме горди што ќе соработуваме со Република Македонија и отвораме можност за прием на пациенти, и за медицински персонал за обука со цел да ги споделуваме нашите истражувања со нив, изјави директорот на Хадаса медицинскиот центар, Јорам Веис.
Инаку Хадаса центар е еден од најнапредните светски медицински центри каде сџе применуваат најсовремени методи на лекување. Има годишен буџет од половина милијарда долари, Центарот е лидер и во медицинските истражувања во целиот тој регион. Во него работат 5.000 луѓе, а годишно се извршуваат 32 илјади операции.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
