Македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во Европа, бележат рекордни 31 отсто раст во патничкиот сообраќај за првите 5 месеци

Меѓународниот совет на аеродромите - Европа (ACI Europe) ја објави анализата на воздушниот сообраќај за април 2026 година, во која Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид се рангирани како најбрзорастечки аеродроми што доаѓаат од земја надвор од ЕУ. Според анализата на ACI Europe, додека земјите надвор од ЕУ и земјите во ЕУ бележат негативни бројки на патнички сообраќај (-7,6 %), првпат по закрепнувањето од ковидот, помал број пазари, како што се Северна Македонија (+30,6 %), Албанија (+25,3 %) и Молдавија (+24,6 %), кои припаѓаат на географска Европа, но се земји надвор од ЕУ, продолжуваат да бележат импресивни зголемувања.
Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, управувани од „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, членка на Групацијата АДП, продолжуваат да бележат рекордни нивоа на двоцифрен пораст на бројот на патници. Во првите пет месеци од 2026 година, во периодот јануари - мај, двата македонски аеродроми опслужија 31,2 % повеќе патници отколку во истиот период во 2025 година, или вкупно 1,6 милион патници (1.580.932), а бројот на летови порасна за 9,5 %, со вкупно 10.595 опслужени летови.
Истовремено, со анализата на статистиката на „ТАВ Македонија“ за првите 5 месеци:
- Рекордниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај во првите 5 месеци (+31,2 %), во април (+30,6 %), ги позиционира македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките авијациски пазари во Европа и како топ-перформери од западниот дел на земјите надвор од ЕУ. По аеродромите во Скопје и Охрид, се оние во Албанија и Молдавија, исто така со двоцифрен пораст, но под 30 %. Ова е силна потврда дека нашите аеродроми успешно реагираат на зголемената побарувачка за воздушен сообраќај и дека земјата станува сè попривлечна и достапна дестинација. Ова достигнување е резултат на континуирани инвестиции во аеродромската инфраструктура, подобрувања на услугите, маркетинг-активности, успешна соработка со авиокомпаниите и поддршката од Владата. Особено сме задоволни што во време кога многу европски пазари доживуваат стагнација или пад на патничкиот сообраќај, Македонија е позиционирана меѓу европските лидери според порастот на бројот на патници - рече Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според Оливие Јанковец, генерален директор на ACI Europe, април 2026 година претставува јасна пресвртница за европскиот воздушен сообраќај.
- Иако веќе забележувавме нормализација на растот на патничкиот сообраќај по силното постпандемиско закрепнување, геополитичката нестабилност - особено конфликтите на Блискиот Исток - сега дополнително го забавува растот и открива значителни разлики во перформансите на разните пазари. Охрабрувачка вест е дека побарувачката останува генерално силна, приспособувањата на капацитетот на авиокомпаниите остануваат ограничени, а загриженоста за потенцијален недостиг на гориво за авиони е намалена - истакна Јанковец.
Според анализата на воздушниот сообраќај на ACI Europe од април 2026 година, меѓу најголемите пазари на ЕУ, аеродромите во Шпанија (+3,7 %) и Италија (+2,2 %) ги постигнаа најдобрите резултати, а оние во Германија (-8,5 %), Велика Британија (-2,1 %) и Франција (-0,9 %) забележаа намалување на обемот на патници.
Најдобрите перформанси во ЕУ+ (група што ги опфаќа земјите од Европската Унија, Европската економска област (ЕЕО), Швајцарија и Обединетото Кралство) ги имаат аеродромите во Словачка (+125,2 %), Словенија (+14,6 %), Естонија (+12,1 %), Малта (+13,5 %) и Полска (+8,3 %).
Заклучокот на ACI Europe е дека - додека средните и малите аеродроми ги надминаа очекувањата, шпанските и холандските центри останаа најотпорни на глобалната геополитичка нестабилност.
Рекордниот двоцифрен пораст на патничкиот сообраќај, од почетокот на 2026 година ја покажува позитивната насока во развојот на македонските аеродроми, со што се зајакнува позицијата на земјата на европската воздухопловна мапа.
МИА
Ново на Сител
-

Макрон: Писмото на Зеленски до Путин е добра иницијатива за обновување на дијалогот
-

Тошковски: Граничниот премин Маркова Нога значаен за двете пријателски држави и стратешки проект за регионот
-

Четири лица осомничени за кражба на маси и столови од угостителски објект во Куманово
-

СВР Штип апелира до граѓаните да не бидат мета на измами за лажни операции на нивни блиски
-

Кривична за лице од Пласница поради оштетување прозорец на еден од вагоните на возот „Ќиро“, кој е историски предмет
-

Кривична за професор од средно училиште во Кичево, физички нападнал малолетна ученичка
-

69-годишна скопјанка додека чистела шкаф со алат пронашла предмет што наликувал на експлозивна направа
-

Европските компании масовно ја напуштаат Куба поради новите американски санкции
