Фудбал
16. November 2026 - 11:36

Македонските фудбалери ја пречекуваат Словенија во последното коло од Лигата на нации

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја очекува последниот предизвик во групната фаза од УЕФА Лигата на нации. На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, избраниците на селекторот Гоце Седлоски ќе ги одмерат силите со Словенија. Натпреварот ќе започне во 20:45 часот.

По гостувањето во Шкотска, „црвено-жолтите“ повторно ќе играат пред домашните навивачи, со мотив да остварат добар резултат и со позитивно издание да го заокружат групниот настап. Противникот е добро познат, а досегашните меѓусебни средби покажуваат дека Македонија има подобар биланс.

Двете репрезентации досега одиграле осум натпревари. Македонија има четири победи, два нерешени исходи и два порази, со вкупна гол-разлика од 13:9.

Првата пресметка меѓу Македонија и Словенија се случила на 13 октомври 1993 година во Крањ. Нашата селекција тогаш триумфирала убедливо со 4:1, во еден од првите значајни настапи во историјата на репрезентацијата. Веќе на следниот дуел, одигран на 23 март 1994 година во Скопје, Македонија повторно била подобра, овојпат со 2:0.

По пауза од 18 години, репрезентациите повторно се сретнале на 14 ноември 2012 година. Во пријателски натпревар на домашен терен, Македонија славела со 3:2. Првиот пораз во меѓусебните пријателски дуели го претрпела на 23 март 2016 година, кога во Копер Словенија победила со минимални 1:0.

Интересни беа и дуелите во квалификациите за Европското првенство 2020. Во Љубљана, на 24 март 2019 година, Македонија одигра 1:1, а стрелец на единствениот гол за нашата репрезентација беше Езџан Алиоски.

Реваншот во Скопје, на 10 октомври истата година, донесе нов триумф за Македонија. Со два гола на Елиф Елмас, нашата селекција победи со 2:1 и ја продолжи успешната серија против Словенците.

Последната пријателска средба меѓу двете репрезентации се одигра на 1 јуни 2021 година во Скопје и заврши со нерешени 1:1.

Најновата пресметка беше на 29 септември 2026 година во Љубљана, во рамките на Лигата на нации, кога Словенија славеше со 2:0. Вечерашниот натпревар е можност Македонија да се реваншира за поразот и да го подобри својот биланс во меѓусебните дуели.