Македонија
15. September 2025 - 12:09

Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ-Албанија“ го доби решението за регистрација во судот во Тирана

Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ-Албанија“ денеска го доби решението за регистрација во судот во Тирана, кое на претседателката Елена Симонофски и беше врачено од Албан Дурај, од адвокатското студио „Duraj Law Firm“ - Тирана.

Веста ја објави Дурај кој на Симонофски и посакал успех во мисијата на оваа организација, која, како што наведува  се фокусира на заштита на правата на македонската заедница во Албанија и зајакнување на дијалогот со институциите за остварување на нивните законски права.

- Во рамки на соживотот и меѓуетничката соработка во Албанија, имав чест да ја пречекам и лично да ѝ го врачам на г-ѓа Елена Симонофски, претседателка на Здружението „ВМРО-ДПМНЕ-Албанија“, решението за основање издадено од Основниот суд во Тирана.  Организацијата е посветена на заштита на правата на македонската заедница и зајакнување на дијалогот со институциите.  Важен чекор кон мир, толеранција и европска интеграција, напша Дурај во објавата на Фејсбук.

На објавата реагираше Едмонд Темелко, претседател на Македонското друштво „Преспа“.

- Искрена благодарност до адвокатското студио „Duraj Law Firm“ за поддршката и почитта што ја покажуваат кон македонската заедница во Албанија. Во мое име и во име на целата наша заедница им благодариме што се дел и од овој важен чекор за Македонците. На здружението му посакуваме успешна мисија во заштитата и унапредувањето на положбата и легитимните права на Македонците во Албанија, со заеднички сили на сите нас, наведува Темелко.

Како што претходно изјави Симонофски за МИА, здружението  е „дом за сите кои ја носат Македонија во своето срце“.

- Здружението ќе ги штити и ќе ги промовира правата на македонското малцинство во Албанија. Ќе биде поддршка за активностите и иницијативите во насока на остварување на своите цели и поддршка на своите членови. Нашето мото е дека  заедно сме посилни, заедно сме Македонија, посочи таа за МИА. 

Освен оваа асоцијација на Македонците,  во Албанија постојат и друштвата „Илинден“, „Преспа“, „Сонце“, „Мир“, „МЕД“ и „Прегор“, како и единствената партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

 

МИА

Ново на Сител