Макрон: Средбите со европските лидери се депресивни, ми недостига Меркел

Францускиот претседател Емануел Макрон не е задоволен од актуелната политичка атмосфера во Европа, а состаноците со европските лидери ги опишува како депресивни и без креативни идеи. Во приватната комуникација со новинарка тој признал дека му недостигаат поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и некогашниот шеф на Европската централна банка Марио Драги.
Дел од овие досега приватни ставови се најдоа во новата книга на новинарката Франсоа Дего, насловена „Сите сте премногу строги кон мене“, која содржи извадоци од нивната двегодишна комуникација преку „Телеграм“.
Од објавените пораки се гледа дека Макрон и натаму стои зад контроверзната одлука од јуни 2024 година за распуштање на парламентот и распишување предвремени избори. Неговата намера, како што самиот објаснил, била партијата на Марин Ле Пен да биде затекната неподготвена, бидејќи не очекувала избори во тој период.
Францускиот претседател не се согласува со оценките дека неговиот потег бил политички неуспех, иако тој придонел за нестабилноста во земјата и за слабеење на неговата политичка позиција. Во пораките упатил критики и кон поранешниот премиер Габриел Атал, за кого сметал дека добил повеќе поддршка отколку што требало.
Макрон, исто така, јасно ставил до знаење дека не планира да се повлече од претседателската функција, и покрај политичките проблеми со кои се соочува Франција. Во една од пораките категорично ја отфрлил можноста за оставка, порачувајќи дека нема да се откаже од функцијата.
Во преписката тој изразил и уверување дека Марин Ле Пен тешко ќе ги прикрие своите проруско ориентирани ставови и симпатиите кон движењето МАГА на Доналд Трамп. Од друга страна, позитивно го оценил лидерот на француските социјалисти Оливие Фор.
Една од темите за кои Макрон особено инсистирал била пензиската реформа. Тој предупредил дека нејзиното ставање во мирување може да има сериозни последици за државата, иако подоцна владата на Себастијан Лекорни се согласила со барањето на социјалистите за суспензија на реформата.
Францускиот претседател зборувал и за својата иднина по завршувањето на мандатот. Ги отфрлил наводите дека би можел да се вработи кај милијардерот Ксавие Ниел, додавајќи дека, доколку се впушти во бизнис, ќе води сопствена работа, најверојатно надвор од Франција.
Книгата открива и дека комуникацијата меѓу Макрон и новинарката започнала во 2024 година, откако тој ѝ се заблагодарил за поддршката на неговата сопруга Брижит, која била изложена на теории на заговор на интернет.
Објавувањето на книгата предизвикало незадоволство во круговите блиски до претседателот, особено поради објавувањето на приватните разговори без негова претходна согласност. Делото излезе на 5 ноември, а неговиот наслов е преземен од пораката во која Макрон ѝ забележал на новинарката дека таа и луѓето со слични ставови се премногу критични кон него.
Ново на Сител
-

Германски „Гересхајмер“ со нови дополнителни инвестиции во Македонија
-

Самит за проширување во Брисел: Сиљановска бара потег од ЕУ и рамноправен дијалог
-

Преглед на вестите од светот
-

Сиљановска: Дијалогот подразбира рамноправност
-

Стојков: За Бугарија решението за сите проблеми е да ги снема Македонците
-

Примателите на социјална помош ќе можат наеднаш да ги подигнат парите преку Алта банка
-

Алта банка ги скара партиите: Обвинувања за пари, политички врски и бизнис-интереси
-

УГД - Штип, нулта толеранција за корупција
