Свет
20. November 2026 - 10:00

Малезија ќе пресели десет илјади бегалци Рохинџи во Турција

Малезија соопшти дека ќе пресели десет илјади бегалци од малцинството Рохинџи во Турција, во рамки на програма за обука и стекнување стручни вештини.

Планот што го објави малезискиот вицепремиер Ахмад Захид Хамиди, е објавен ден откако Меѓународниот суд на правдата утврди дека убиствата и широко распространетото сексуално насилство врз Рохинџите, извршени од безбедносните сили на Мјанмар во 2017 година, претставувале геноцид поддржан од државата.

Хамиди изјави дека иницијативата е дел од напорите на Владата за поефикасно и похумано справување со бегалската криза. Тој ја поздрави подготвеноста на Турција да прими десет илјади бегалци, оценувајќи дека тоа е важен чекор кон долгорочно решение.

Планот ќе се спроведува во соработка со турските власти, Високиот комесаријат на ОН за бегалци и други надлежни институции, а ќе ги земе предвид потребите на индустријата, согласноста на бегалците и меѓународните правила.

Турското Министерство за надворешни работи засега не ја коментирало најавата.

Според податоците на Високиот комесаријат на ОН за бегалци, во Малезија до крајот на февруари биле регистрирани речиси 193 илјади бегалци од Мјанмар, од кои две третини се Рохинџи. Малезија се соочува со притисок да ги врати бегалците во Мјанмар, во услови на зголемени тензии со локалното население. Од јануари земјата вратила повеќе од десет илјади свои државјани во Мјанмар. 

 

МИА

 

 

Ново на Сител