Македонија
3. јуни 2025 - 16:39

Марта Кос се понуди да ги олеснува разговорите меѓу Скопје и Софија

Еврокомесарката Марта Кос се понуди да ги олеснува разговорите меѓу Скопје и Софија. На сослушувањето во Европскиот парламент, Кос говореше за земјите-кандидатки, со посебен фокус на Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора. Но говорејќи за нас, рече дека Европската Комисија напорно работи со земјите-членки за да ги поедностави пристапните процедури. Меѓутоа Кос е децидна, уставните измени мора да се случат за да продолжи пристапниот процес. 

-Затоа ја понудив мојата лична можност да олеснам бидејќи некогаш гледам дека постојат различни разбирања на тоа што се случува. Ако можеме да помогнеме, подготвена сум да седнам 24 часа, колку е потребно за да најдеме решение. И да, С Македонија мора да го промени Уставот за да продолжиме со пристапниот процес, вели Кос. 

На седницата на АФЕТ говореше и известувачот во Европскиот парламент, Томас Вајц кој кажа дека е неопходно пристпаниот процес да се одвива според мерит системот и ги потсети европејците дека Македонија цели 20 години чека за да ги почне преговорите.

Меѓутоа, говореа и бугарски пратеници. Андреј Ковачев вели дека не постои билатерален проблем меѓу Македонија и Бугарија.

- Не постои билатерално прашање. Ве молам, постојат заклучоците од 2022 и преговарачката рамка. Сите, 27 земји-членки се согласија на тоа. Земјата кандидат се согласи на тоа. Тие не треба да го губат времето на своите граѓани на С Македонија. Многу ми е жал за граѓаните на С Македонија дека губат толку многу време бидејќи заклучоците на Советот од 2022 не се исполнети. Јас би ве замолил, да не посочувате дека постои билатерален проблем, вели Ковачев. 

Во пресрет на гласањето на извештајот во Европскиот парламент премиерот вели дека Владата ја завршила домашната работа, но треба да се почека гласањето.

- Во текот на вчерашниот ден имав голем број на телефонски разговори. Министерот за надворешни работи исто така. Други луѓе од Владата исто така разговараа и да почекаме утрешниот ден да дојде, вели Мицкоски. 

Претседателката на државата не одговори конкретно дали има потврда од бугарска страна за средба меѓу претставниците од двете земји на претстојнот Самит на НАТО во Хаг. Но коментирајќи ја последната Резолуција донесена во бугарскиот Народен Парламент, Сиљановска Давкова вели дека е навредлива.

- Навредливо е такво нешто да се направи. Зошто? Бидејќи во стартот го оневзоможувате заедничкото чекорење низ дијалог. Суштината на преамбулата во Договорот за добрососедство е таа, да помагаме, можете да помогнете некому со разбирање. Значи, мислам дека не е во ред, вели претседателката на државата. 

Извештајот на Европскиот Парламент во кој се истакнува посебноста на македонскиот идентите и јазик доаѓа по две клучни посети од Брисел во Скопје. Прво, претседателот на Европскиот Совет Антониот Кошта кажа дека не постои „План Б“ за европската интеграција на Македонија, а само една недела подоцна шефицата на европската дипломатија, Каја Калас рече дека ако „Планот А“ не профункциониора  - тогаш ќе се премине кон друг план.