Свет
9. January 2026 - 8:18

Масовни протести во Иран, се палат владини згради, поддршка од синот на соборениот шах Реза Пахлави

Во Техеран и другите ирански градови се одржуваат масовни антивладини протести, а снимките од теренот ги покажуваат најголемите демонстрации против клерикалниот режим во последниве години.

Немирите, што влегоа во 12-тиот ден, се поттикнати од гневот поради падот на вредноста на националната валута и се проширија во повеќе од 100 градови низ земјата.

Протестите се дополнително охрабрени од повикот на Реза Пахлави, кој живее во Вашингтон, а чиј татко беше соборен од Исламската револуција во 1979 година. Тој ги повика Иранците да „излезат на улиците и, како обединет фронт, да ги кажат своите барања“.

Иранските државни медиуми го намалуваат обемот на немирите или целосно ги негираат, објавувајќи снимки од празни улици. Властите, исто така, прибегнаа кон драстични мерки, па затоа групата за мониторинг NetBlocks објави „национално исклучување на интернетот“ со цел да се наруши комуникацијата на демонстрантите. Ситуацијата во Иран внимателно ја следи меѓународната заедница.

Синот на шахот Реза Пахлави кој беше соборен во револуцијата од 1979 година ги поддржа демонстрантите и му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп

Тој ги повика Иранците да „излезат на улиците и, како обединет фронт, да ги извикаат своите барања“.

Во објава на социјалната мрежа X, Пахлави рече дека „милиони Иранци ја бараа својата слобода вечерва“, опишувајќи ги демонстрантите како негови „храбри сонародници“ и му се заблагодари на Трамп.

Во коренот на протестите, кои започнаа на 28 декември со протест на трговците во Техеран, лежи длабоката економска криза. Иранската валута ријал падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот, а инфлацијата скокна на 40 проценти. Економијата е под притисок од американските санкции, но и од лошото управување и корупцијата.

Очајот што ги испрати луѓето на улиците најдобро се опишува со пораките испратени до Би-Би-Си. „Живееме во неизвесност“, рече една жена од Техеран. „Се чувствувам како да висам во воздух, без крилја за да мигрирам или да се надевам дека ќе ги постигнам моите цели тука. Животот тука стана неподнослив“, рече таа.

Сегашниот бран протести е најраспространет од востанието во 2022 година, предизвикано од смртта на Махса Амини, млада Курдка која почина во притвор на полицијата за почитување на моралот. Во задушувањето на тие протести, повеќе од 550 луѓе беа убиени, а 20.000 од нив беа приведени.

Меѓутоа, најголемите протести од Исламската револуција се одржаа во 2009 година, кога милиони Иранци излегоа на улиците по спорните претседателски избори, што резултираше со смрт на десетици поддржувачи на опозицијата и илјадници апсења.

Видеата споделени на платформата X покажуваат пожари и чад во близина на згради идентификувани од корисниците како владини или локални самоуправни згради во одредени градови.

Досега, властите не ја потврдија автентичноста на видеата ниту дадоа официјални информации за обемот на штетата.

Претседателот Трамп и ноќеска ја повтори својата закана за воена интервенција доколку иранските власти прибегнат кон смртоносно насилство.

„Им дадов до знаење дека доколку почнат да убиваат луѓе, што обично го прават за време на нивните немири, а имаат многу немири, ако го сторат тоа, ќе ги удриме многу силно“, рече Трамп.

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, додаде дека економијата на Иран е „на колена“ и дека ова е „тензичен момент“.

Од друга страна, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги повика безбедносните сили да покажат „екстремна воздржаност“ во справувањето со мирните протести.

Врховниот лидер Али Хамнеи рече дека со демонстрантите треба да се разговара, но дека „на бунтовниците треба да им се покаже каде им е местото“.

Како што ескалираат протестите, така расте и бројот на жртви. Извештаите на организациите за човекови права драстично се разликуваат од официјалните податоци. Американската агенција за активисти за човекови права (HRANA) објави дека се убиени најмалку 34 демонстранти, меѓу кои пет деца и осум припадници на безбедносните сили. Според нивните податоци, уапсени се повеќе од 2.270 лица.

Иранската организација за човекови права (IHR) со седиште во Норвешка вели дека безбедносните сили убиле најмалку 45 демонстранти, меѓу кои осум деца. Од друга страна, иранските власти ја признаваат смртта на шест припадници на безбедносните сили, додека Би-Би-Си го потврди идентитетот на 22 починати лица.