Македонија
10. April 2023 - 16:32

Меџити со писмо ги предупреди здравствените работници за обврските кон пациентите

Почитување на Законот за заштита на правата на пациентите или казна од 250 до 500 евра. Министерот за здравство со допис до сите јавни здравствени установи ги потсетува медицинските лица на членот со кој е предвидено како треба да се однесуваат со болните.

Дали ова е форма на притисок до лекари, сестри, болничари, техничари лаборанти...или само известување на дел од нивните законски обврски.

Укажувањето до клиниките и болниците е доставено на 30 март, дента кога најголемите здравствени синдикати протестираа пред Министерството. Исто така, писмото е напишано и една недела по смртта на 6 годишната Јана Христовска чии родители се сомневаат во медицинскиот третман а јавноста бурно и со критики реагираше кон здравствениот систем.

Сител контактираше неколкумина медицински директори за известувањето од Меџити. Јавно никој не сака да коментира, но неофицијално велат дека ова уште повеќе ќе ја зоврие состојбата меѓу здравствените работници. Прашуваат кој ќе утврдува дали пациентот е во право ако каже дека некој доктор му повиши тон или не го прими на закажаниот термин.  

Од здравство ни одговорија дека.... станува збор за законска обврска, согласно Законот за заштита на права на пациенти и е во насока на унапредување на нивото на грижа за пациентите.

Почитувањето на законската регулатива е обврска на сите вработени во ЈЗУ и во никој случај не претставува форма на притисок.

Приоритет на Министерството за здравство е добивање навремена и квалитетна здравствена услуга за пациентите.

По случајот со Јана Христовска која почина само 5 часа по приемот на детското одделение, лекарите  јавно коментираа дека се под медиумски притисок, но сега кога им се укажува на еветуално казнување за нивниот однос никој не сака да зборува.

И министерот Меџити дваесет дена по смртта на малата Јана, дури денеска отиде во посета на битолската болница во која со месеци алармираат дека итно имаат потреба од вработување на 100тина здравствени работници а причините за смртта на Јана треба да ги даде обдукцискиот наод.