Македонија
13. јуни 2025 - 16:32

Меџити: Забранивме 226 онлајн коцкарници – ова е директен удар врз криминалната мафија

За помалку од два месеци Владата блокираше вкупно 226 онлајн коцкарници. Вицепремиерот Меџити денеска соопшти дека оваа бројка не е конечна. Им порача на граѓаните кои се уште имаат средства на некоја страница за игри на среќа, да си ги повлечат парите што побрзо, бидејќи властите работат на мапирање на сите останати кои нелегално циркулираат во државата.

-226 – не е само бројка. Ова е директен удар врз една криминална мрежа која со години беше толерирана и заштитена од структури тесно поврзани со претходната власт. За жал, една политичка партија која денес се претставува како чувар на правата и достоинствениот живот на Албанците, беше главен спонзор на коцкањето и вклучувајќи се директно во оваа индустрија, ова политичка партија и го даде на коцкарската мафија потребниот политички штит за да расте и се развива без да ја загрози никој, изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Меѓудругото, Меџити им порача на младите да не се коцкаат, потенцирајќи го фактот дека Владата не е сојузник на како што рече „казино мафијата“.

„Сакам да ги повикувам сите граѓани, особено младите: Не станувајте жртви на измамнички мејлови, не си играјте веќе со вашата судбина на нелегални платформи. Ако имате депонирани средства на тие страници, повлечете ги што е можно поскоро. Државата дејствува и тие платформи нема повеќе да постојат“, додаде Меџити.

Новиот Закон за игри на среќа кој е во финална фаза од неговата подготовка, ќе биде од 50 до 70 проценти поригорозен од сегашниот. Според најавите на властите со неговото стапување на сила ќе се затворат повеќе маалски обложувалници и казина.