Меѓународниот аеродром Скопје доби акредитација за управување со емисии на јаглерод на аеродроми - Ниво 3

Меѓународниот аеродром Скопје доби акредитација за управување со емисии на јаглерод - Ниво 3 од Меѓународниот совет на аеродроми (Airport Council International – ACI), глобална трговска организација која ги претставува аеродромите во светот и работи на подобрување на безбедноста, ефикасноста и одржливоста во воздухопловството, во рамки на нивната глобална програма Airport Carbon Accreditation – ACA.
Акредитацијата за управување со емисии на јаглерод на аеродроми е единствена институционално одобрена, глобална програма за сертификација за управување со емисии на јаглерод за аеродромите, која им помага да управуваат и да ги намалат емисиите на јаглерод во согласност со меѓународните стандарди. Независно ги проценува и признава напорите на аеродромите за управување и намалување на нивните емисии на јаглерод преку седум нивоа на сертификација: Ниво 1; Ниво 2; Ниво 3; Ниво 3+; Ниво 4; Ниво 4+ и Ниво 5.
ТАВ Македонија, кој го управува Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти дека сертификацијата Ниво 3 е „потврда дека скопскиот аеродром ефикасно управува и ги намалува своите емисии на јаглерод и, во исто време, активно ги ангажира и своите партнери во нивното управување со емисиите на јаглерод“.
- Овие акредитации се јасна потврда за посветеноста на ТАВ Македонија кон одговорно управување со животната средина и примената на најдобрите меѓународни практики во одржливото воздухопловство. Достигнувањето на Ниво 3 за Меѓународниот аеродром Скопје претставува значаен напредок во нашите напори за намалување на влијанието на јаглеродот и подобрување на енергетската ефикасност, со цел да се обезбеди одржлива иднина за македонското воздухопловство, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија - подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП.
За да се постигне ова ниво, стои во соопштението, Меѓународниот аеродром Скопје спроведе низа значајни мерки: имплементација на програма за енергетска ефикасност и мониторинг во согласност со меѓународните методологии, надградби на системите за осветлување на јавната и воздухопловната зона со високоефикасни ЛЕД-инсталации, воведување програми за оптимизација и унапредување на енергетските перформанси на системите за греење, вентилација, климатизација, распоредување на хибридна аеродромска опрема и поддршка во транзицијата кон еколошки прифатлив возен парк, зголемување на производството и набавката на обновлива енергија, заеднички иницијативи со авиокомпании и даватели на услуги, како и воспоставување платформа за засегнати страни за климатска акција за споделување податоци, мониторинг на перформансите и координација на плановите за намалување.
Како што информира ТАВ Македонија, по повод добиената акредитација, Оливие Јанковец, генерален директор на ACI EUROPE, изјави дека „достигнувањето Ниво 3 во програмата за акредитација за управување со емисии на јаглерод на аеродроми за помалку од една година по приклучувањето кон програмата е значајна пресвртница во патувањето за декарбонизација на Меѓународниот аеродром Скопје“.
- Со оптимизирање на потрошувачката на енергија, зголемената употреба на електрична аеродромска опрема и инвестирање во инфраструктура за полнење електрични возила, аеродромот ги поставува темелите за долгорочно намалување на емисиите на јаглерод. На Ниво 3, аеродромот, исто така, го проширува опсегот на своето влијание во емисиите на јаглерод со опфаќање на јаглеродните емисии и од трети страни, притоа зајакнувајќи го својот пат кон целта за достигнување нето-нулта емисии на јаглерод до 2050 година. Честитки до целиот тим на ТАВ Аеродроми, порача Јанковец.
Преку ова достигнување, посочува ТАВ Македонија, Меѓународниот аеродром Скопје „ја зајакнува својата посветеност на долгорочна климатска одговорност и е во согласност со целите на ТАВ Аеродроми за постигнување јаглеродна неутралност до 2030 година и нето-нулта емисии на јаглерод до 2050 година на сите аеродроми во рамките на групацијата“.
МИА
Ново на Сител
-

Најстудено и утрово во Берово, 24 сантиметри снег на Попова Шапка
-

Зеленски: Украина никогаш не била и нема да биде пречка за мирот
-

Свечена заклетва на новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес
-

Четири арапски држави во дипломатска акција за да се спречи американски напад врз Иран
-

ЕХФ ЕУРО 2026: Македонските ракометари на мегдан со кодомаќинот Данска
-

Во Собранието јавна расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик
-

Сончево со мала облачност, дневна температура до 13 степени
-

Според најновиот индекс македонскиот пасош е подобро рангиран од Албанија, БиХ и Турција
