Мицкоски: Брисел деновиве ќе соопшти дека од последни во регионот, сега сме рамо до рамо со Црна Гора

Од Брисел многу бргу ќе дојде информација дека од последни во регионот, сега сме рамо до рамо со фронтранерот Црна Гора. Успешно се завршени 16 или 17 од 22 индикатори за извештајниот период, кој заврши кон крајот на 2025 година. Таа информација ќе дојде деновиве и ги прердупредувам во СДСМ за прес-конференциите што ги прават и, народски кажано, да не се истрчуваат како прле пред магаре - изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан од пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ како ги коментира обвинувањата од опозицикста партија дека недоволно се реализира реформската агенда.
Мицкоски посочи дека на крајот на јуни завршува грејс-периодот за оние индикатори што требало да бидат завршени заклучно со јуни 2025 година и дека од 12, кои се во грејс-период, останале десет и до јуни треба да бидат завршени.
- Очекувам најмалку седум или осум од десетте индикатори да бидат завршени во рокот на грејс-периодот, а притоа да бидат уште неколку такви индикатори завршени за другите извештајни периоди, кои се зад нас, но и од оние пред нас, зашто имаме и некои што пред време се исполнуваат - рече Мицкоски и соопшти дека денеска во Владата ќе има координација со министрите со надлежности за индикаторите што треба да завршат до крајот на јуни.
Тој на седницата за пратенички прашања во детали ги објасни фазите од реализацијата на индикаторите. Првиот индикатор, кој треба да се заврши во делот на енергетиката, е државата повеќе да не учествува со целосната количина електрична енергија на тендерот што снабдувачот, сега еднаш годишно, во согласност со новите одлуки на РКЕ, го објавува за да може да ги снабдува граѓаните.
- Практично, да престанеме да ја субвенционираме електричната енергија за граѓаните. Вредноста на овој индикатор е речиси 8,5 милиони евра. Третина од овие пари е грант, другото е мек кредит, кој почнува да се отплаќа од 2032 година. Јавно и јасно кажувам дека овој индикатор немаме намера да го завршиме. Затоа што ако го направиме тоа и не учествуваме повеќе со целосната количина електрична енергија на јавната набавка што ја прави снабдувачот, тогаш цената на електричната енергија за домаќинствата и за оние потрошувачи што добиваат од снабдувачот, ќе биде можеби и повеќе од 30-35 проценти повисока и тоа потоа ќе повлече и други работи, со други зборови - ценовен шок. Затоа јавно кажуваме дека тоа немаме намера да го правиме - истакна Мицкоски.
Рече дека во Министерството за енергетика се рабои на довршување на подзаконските акти заедно со експерти препорачани од Европската комисија, со цел да стане функционален донесениот Закон за енергетиката.
Третиот индикатор се законите од економскиот дел од Владата, посочи дека тука има закон донесен пред десетина години и оти Министерството за финансии постапило во согласност со препораките од канцеларијата на Европската комисија.
- И покрај тоа што ни беше кажано дека тоа е доволно, излезе дека треба да имаме одредени промени во законот. Ќе го направиме тоа многу бргу, Министерството за финансии работи, очекувам дека во мај ќе заврши бидејќи промената е повеќе семантичка отколку суштинска.
Чевртиот индикатор е поврзан со Министерството за економија и труд и тоа работи со надворешни експерти и очекувам до крајот на овој грејс-период и тој индикатор да биде завршен. Практично, тоа е да се формира одреден регистар на правни лица, каде што државата е целосен или делумен учесник во сопственичката структура. Очекувам МЕТ тоа да го заврши - информира Мицкоски.
Соопштувајќи за петтиот индикатор, рече дека и покрај тоа што помина Законот за Судскиот совет, „има одредени лесни забелешки“ за кои смета дека се прифатливи и тие многу бргу, рече, ќе се најдат пред пратениците за усвојување.
- Не е ништо суштинско, но во рамките на барањата од страна на Европската комисија. Во реформите во правосудството доаѓаме до оној момент, а тоа е независноста на судиите и обвинителите во делот на вработување и унапредување. Тоа се два индикатори, односно плановите за вработување и унапредување да не зависат од одобрување на Владата, туку Советот на јавните обвинители и Судскиот совет да им дадат одобрување. Да потсетам дека оваа година Министерството за финансии мислам дека веќе даде согласност за вработување неколку стотици луѓе во службите во судовите во Македонија. Тука се и платите - Уставниот суд донесе одлука да се вратат коефициентите од 2025. Ние не можеме да ги вратиме во 2024 бидејќи одлуката на Уставниот суд е конечна, со тоа се исполнува условот, во согласност со новите коефициенти судиите да имаат повисоки плати - рече Мицкоски.
Додаде дека со синдикатите е потпишан договор за зголемување на нивните плати, со што, рече, „практично и тој дел од индикаторот успеавме да го надминеме и да го завршиме“.
МИА
Ново на Сител
-

Димитровски: Бугарите ќе станат дел од Уставот во оној момент кога од другата страна ќе видиме подадена рака по неколку основи
-

ЈСП Скопје: Претстојниов продолжен викенд автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред
-

Се санираат штетите во штипското училилиште „Ванчо Прќе“, редовната настава продолжува во понеделник
-

51-годишен велешанец допирал по тело малолетничка
-

Мицкоски: Брисел деновиве ќе соопшти дека од последни во регионот, сега сме рамо до рамо со Црна Гора
-

Зеленски бара објаснување за рускиот предлог за прекин на огнот
-

Доделени годишните новинарски награди на СЕММ, посебно признание и за Сител
-

Иран веројатно нема да направи значајни отстапки кон САД во следниот предлог
