Мицкоски: Бугарија врши притисок како Русија врз Украина, не знам до кога Европа ќе има трпение
Бугарија врши притисок врз Македонија како Русија врз Украина. Со оваа споредба премиерот Мицкоски денеска одговори на барањето за извинување од бугарскиот премиер Жељазков.
Целта на Софија, вели, имаше можност да ја види цела ЕУ, која полека почнува да го губи меѓународниот имиџ поради ваквиот однос на Бугарија.
-Целта на бугарските политичари во ништо не се разликува од онаа цел што ја има руското раководство во Украина, а тоа е обид за асимилација на македонскиот народ и еден вид идентитетски инженеринг кој навистина најмалку треба да се случува во 21. век во Европа и тоа од земја членка на ЕУ, која треба да споделува европски вредности. Наместо да ѝ ја подадат раката на Македонија, наместо да нè поддржуваат на патот кон полноправно членство во ЕУ, што е и дел од Договорот за добрососедство, тие имаат поинаква цел и добро е што сите успеаја да видат. Добро е што сите сега веќе знаат која е крајната цел – дека не е неколку стотини македонски граѓани да бидат дел од Уставот, туку дека целта е многу подлабока и попасна и за Европа. На тој начин и ЕУ губи дел од својот имиџ и не знам до кога ќе има трпение со нашиот источен сосед – рече Мицкоски.
Тензиите на релација Скопје Софија се заострија по изгласувањето на Извештајот за напредокот на Македонија од кој беа избришани македонскиот јазик и идентитет по пристисок од бугарските европратеници.
Македонските и бугарските функционери изминатите денови си разменија низа остри пораки. Бугарскиот министер за надоврешни го нарече Мицкоски „северномакедонски“ премиер, а Мицкоски му одговори со метафора дека глушецот го задева лавот.
Жељазков вчера побара од Мицкоски да најде начин да се извини за ваквата изјава која ја протолкува како лична навреда.
Остра реторика си разменија и двете министерства за надворешни работи.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар