Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска положи цвеќе во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде беше централното чествување по повод 154 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Порача уште еднаш да се потсетиме на неговиот лик и дело, да го чествуваме, да се сеќаваме и тоа, како што рече, нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија.
- Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и си спомнуваме на неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ, за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани. Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година. Имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава, изјави премиерот Мицкоски.
Уште еднаш, како што нагласи, денес да си го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да се сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија.
Покрај премиерот Мицкоски, цвеќе положија делегација на Собранието, предводена од потпретседателка на парламентот Весна Бендевска и пратениците Сергеј Попов, Даниела Белимова и Сања Лукаревска, делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како и делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија...
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Како член на ТМОРО беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Раѓањето на Гоце Делчев беше одбележано и во Штип и во Струмица, каде беше положено цвеќе и имаше пригодни обраќања за неговиот живот и дело.
МИА
Ново на Сител
-

Алиу: Работна група од Министерството за здравство истражува дали биле запазени протоколите за извоз на биолошки материјал во САД
-

Мицкоски: Владата нуди своја формула за пресметување на покачувањето на платите во администрацијата
-

Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија
-

Променливо облачно и релативно топло до сабота, од недела заладување и снег на планините
-

Приведени возачи, управувале возила без возачка дозвола, со изречена забрана, под дејство на алкохол
-

650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
-

Сиљановска-Давкова: Регулативата создава доверба и предвидливост, а не само контрола
-

Обвинителството отвори предмет по закани кон новинарот Александар Видиновски
