Македонија
20. јуни 2026 - 16:37

Мицкоски денеска на средба со ЗНАМ, реконструкцијата готва до 1 јули

Списокот на новите министри што ќе седнат во кабинетот на Мицкоски ќе се најде во Собранието најдоцна до 1 јули. Премиерот, иако и по вечерашната средба со Касами и Меџити не откри имиња што ќе бидат опфатени со реконструкцијата, потврди дека во игра е смена на ресори меѓу владините партнери.

- „Се разгледуваат секакви опции. Во добра, пријатна атмосфера беше вчерашниот состанок. Се разгледуваат опции за промена на ресори, така што мислам дека многу бргу ќе го затвориме овој прв дел од процесот, условно кажано, во првиот ешалон. Денеска ќе видиме со ЗНАМ, во два часот имаме состанок со нив. Ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и за слабостите, се разбира. Така што до крајот на следната недела, како што кажавме, и до крајот на јуни сето ова да го формализираме и најдоцна до 1 јули списокот да се најде во Парламентот пред пратениците.“

Од Вреди повторија дека кај нив е сигурна смената на министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, како и пополнувањето на вицепремиерското место за добро владеење со нивен кандидат, по оставката на вицепремиерот Арбен Фетаи. Неофицијално, за местото на Фетаи, кој е во оставка, се подготвува Азир Алиу, а ресорот здравство, пак, можно е повторно да биде во рацете на Беким Сали, кој пред неколку месеци стана вицепремиер за европски прашања.

Но, премиерот Мицкоски денеска не сакаше да потврди дали ваквата опција е разгледувана.

Лимани, пак, веќе се збогува со министерската фотелја, бидејќи, како што рече, не сакал да му прави проблеми на премиерот.

Мицкоски денеска е на средба со ЗНАМ на Максим Димитриевски. Иако досега се шпекулираше дека со реконструкцијата би бил опфатен министерот за правда Филков, од ЗНАМ на состанокот со премиерот одат со став дека двајцата министри – и Минчев за јавна администрација и Филков – сработиле добро.

Но, промените нема да останат само на ниво на Владата. Смени ќе има и на директорските позиции, но и во локалната власт.

За опозициската СДСМ, владината реконструкција е само преуредување на фотелји и доказ дека Мицкоски функционира „од први до први“.

 „Пред само неколку недели, Мицкоски тврдеше дека до 1 јуни ќе бидат исполнети клучните реформи. Тој рок помина. Немаше реформи. Немаше одговорност. Немаше ниту објаснување зошто рокот не е исполнет.

Сега, наместо да одговара за неисполнетите реформи, Мицкоски нè префрла на нов рок – 1 јули за реконструкција на Владата. Како да е тоа најважното прашање во моментов.

Реконструкцијата е само шминка. Таа не ги решава проблемите на граѓаните. Таа не ги зголемува платите, не ги намалува цените, не ги враќа младите и не ја отвора вратата кон Европа.“, реагираа социјадемократите.

Ова не се последни средби меѓу владините партнери за прецизирање на кадровските и ресорските смени. Партиски извори од владејачката коалиција велат дека средби ќе има и понатаму, и на лидерско, но и на пониско ниво.