Мицкоски: Дислокација на „Усје“ не е проблем за Владата
„Се задолжува градоначалникот на Градот Скопје да се обрати до Владата за да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина“ – ова е еден од петте заклучоци кои доцна синоќа ги усвои советот на Град Скопје, по иницијатива на Зелен Хуман Град.
Меѓудругото, се побара од Државниот инспекторат за животна средина да изврши серија ненајавени вонредни надзори.
Заклучоците од градските бараки ќе патуваат на повеќе адреси: до кабинетот на Ѓорѓиевски, Влада, Министерство за животна средина, Инспекторатот и Општините.
Премиерот Мицкоски вели дека Владата ќе постапи согласно ингеренциите кои ги има.
-Се бараат вонредни инспекциски контроли, континуиран надзор. Тоа не е никаков проблем бидејќи и сега функционира. Што се однесува до дислокацијата – и тоа не е проблем што се однесува до Владата. Сето она коешто е проблем за граѓаните е и проблем за Владата – изјави Мицкоски.
Во министерството за животна средина се одржа итна координативна средба меѓу новиот министер кој стапи на функцијата вчера, неговата заменичка, директорката на инспекторатот за животна средина, како и одговорни лица за квалитет на воздухот.
-Министерот Хоџа побара од директорката Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството – велат од МЖСПП.
Пред речиси три години, Градот Скопје во мандат на Арсовска поднесе кривична пријава против Усје поради загадување.
Од обвинителството за Сител велат дека „предметниот јавен обвинител презема дејствија за проверка на наводите по пријавата, во рамките на која побара од Државниот инспекторат за животна средина да се произнесе во однос на поврзаноста помеѓу мерењата на ПМ10 честичките во непосредна близина и регистрираната емисија од Цементарницата УСЈЕ во наведениот период. Се прибираат и други докази, а по комплетирање на доказниот материјал ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“.
Вчера пред цементарницата се одржа протест, а здружението „Стоп за Усје“ најави дека по празниците ќе ги интензивира своите активности.
Tитан Усје ги отфрла обвинувањата дека придонесува за загадувањето и вели дека работи согласно највисоките европски еколошки стандарди.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
