Македонија
26. November 2026 - 14:32

Мицкоски: Економијата расте, дизелот е поевтин од многу поразвиени земји, а БДП ќе надмине 21 милијарда долари

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања одговарајќи на пратеничко прашање и обвинувањата на пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче за лошата состојба во економијата, истакна дека бројките се немилосрдни и дека имајќи ја предвид почетната состојба што ја остави владата на СДСМ и ДУИ, односно ниската основа со која што се споредуваат резултатите на оваа Влада, бројките во последните две и пол години се подоминантни од која било економија.

- Што се однесува за економијата, горивата итн. ќе споделам нешто со вас. Каде и да одиме, вклучително и вчера во Брисел, каде и да одиме сите прашуваат како успевате да бидете од 30 центи до 50 центи по литар поевтини од нас за дизел горивата и како успевате тоа да го одржите со месеци. Буквално сите прашуваат, многу поразвиени земји од нашата, рече Мицкоски.

Тој му кажа на Филипче дека можат да се потсмеваат колку сакааат и да омаловажуваат околу постигнувањата на економијата, но бројките се немилосрдни.

- Бројките се немилосрдни и тие бројки се многу подоминантни од било која економија во последните две и пол години имајќи го предвид почетокот, односно основата со која што се споредуваме. Ние се споредуваме со многу ниска основа благодарение на вашата влада. И да таа ниска основа со која што се споредуваме, криминална, предавничка, ненародна итн. ние имаме раст во економијата да речеме 2024 година од 3,8 отсто реален, во 2025 година исто така 3,8 проценти, а просекот во првата половина од оваа година е 3,7 отсто со тоа што во вториот квартал е 4,3 отсто реален раст, а номиналниот е помеѓу 7 и 8 проценти, потенцираше Мицкоски.

Што се однесува на БДП, Мицкоски рече дека таргетот од 20 милијарди долари којшто Владата го постави за да крајот на мандатот се постигна уште во 2025 година.

- И тоа што беше наша цел да дојдеме до 20 милијарди долари на крајот од мандатот, јас можам да ви кажам дека еве таа цел ја остваривме на крајот од 2025 година. Дојдовме блиску до 20 милијарди долари БДП. Ова година ќе отидеме над 21 милијарда долари или отприлика 21 милијарда и двеста-триста, зборуван за 2026-та БДП, номинална вредност. По куповна моќ е над 32 илјади долари по глава на жител, а по номинална е некаде околу 12-12 илјади и нешто. За 2025 зборувам, а 2026-та ќе биде повеќе. Тоа се бројки, а пред бројките велат дека и боговите молчат. Претпоставувам дека тоа ќе ви го објаснат, нагласи Мицкоски.

Мицкоски исто така одговори на обвинувањата по однос на евроинтеграциите, посочувајќи дека за разлика од опозицијата, тој не оди надвор од Македонија за да ги кодоши луѓето од Макеонија.

- Се борам дури и за вас. Дури и за тоа што го направивте и со Преспанскиот договор и со Договорот за добрососедство и со францускиот предлог и прифаќањето, надвор од Брисел никогаш нема да кажам ниту еден збор. Прво, тоа е мојата домашно воспитување, а второ, јас се борам за граѓаните кои ја имале таа несреќа за вие седум години да бидете дел од владата, како коалиција СДСМ-ДУИ. А тоа што јас го мислам ви го кажувам директно во очи и тука нема никаква дилема дали преку пратенички прашања, дали преку некоја друга форма и тука не треба да имате никаква дилема. Но надвор од Македонија, колку и да сте лоши и слаби, колку и да сте големи предавници на својот род, колку и да не го заштитивте својот род кога имавте можност тие седум години, јас никогаш нема лош збор да кажам. Колку и да сте криминалци во тие седум години, јас нема никогаш лош збор да кажам. Затоа што мислам дека тоа што е дома е за дома. Тоа што е за надвор е за надвор, рече Мицкоски.

Премиерот оцени дека поминало времето кога имаше политичари во Македонија кои што се интересираа само за сопствениот интерес и сопствениот џеб.

- Што се однесува до вашите капитални проекти и она за кое што сме рекле дека е криминално, еве ќе ви повторам по кој знае кој пат. Бехтел и Енка проектот, таканаречен Коридор 8 и 10-та е криминален. А што имавме опција? Да ги оставиме тие триста педесет, двеста педесет, триста милиони кои што ги потрошивте, ги префрливте од буџетот? И еве ги повикувам Јавното обвинителство, јавно нека дојдат, нека истражат и мислам дека истражуваат. Да, еве мислам дека е криминален и најлош проект за македонската економија. Но мораме да го завршиме. Што да правиме? Мораме да го завршиме. Затоа што на пола ли да го ставиме, како што вие така се однесувавте кон Кичево-Охрид. Тоа не е одговорно однесување. Разбирате, сега е време на политичари кои што одговорно се однесуваат и кон општествениот капитал и кон народот. И да, ќе го завршиме тој проект. И мораме да го завршиме и го завршуваме. Еве од имотно правни односи е решено сѐ. Сѐ е решено, освен онаа делница од Требениште до Ќафасан поради УНЕСКО, одговори Мицкоски.

Во однос на директното прашање на Венко Филипче за тоа со кого направил дил за влезот на Алта банка, Мицкоски кусо рече дека оваа влада е поинаква и оти нема дилови.

 

МИА