Мицкоски: Имам лоша вест за сите што шпекулираа – Давид Гета и сите настани за 8-ми Септември ги чинеа граѓаните 0 денари
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во Штип, одговарајќи на новинарско прашање во врска со сумата што е потрошена за организирање на настаните поврзани со одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата, истакна дека буџетот и граѓаните сето ова ги чинело нула денари и сите активности биле организирани од општественo одговорни компании.
- Имам лоша вест за сите оние што шпекулираа, негодуваа, клеветеа, пласираа лажни информации, а молчев. Не сакав да зборувам затоа што оставав сето тоа што претставуваше навистина посебен момент за градовите во земјата да биде посебен момент и за граѓаните во тие градови. Имаше таков настан и тука во Штип. Лошата вест е дека буџетот сите овие настани го чинат нула денари. И граѓаните и буџетот сите овие настани ги чинат нула денари - рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на спортската сала „Џексон“ во Штип
Тој нагласи дека сето ова што го говори може слободно да се провери на „Отворени финансии“ и нагласи дека сè било организирано од општествено одговорни компании.
- Така што, жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, па дека и некој друг така прави. Но, ова е домаќинска Влада. Ова е Влада промакедонска, која се грижи за граѓаните, пронародна, и секој денар, секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин. Лошата вест, уште еднаш ќе повторам, за нив е дека се потрошени нула денари буџетски средства за организацијата на сите овие настани, а сепак имавме незаборавно лето - рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека летото било историско и за паметење поради тоа што голем број ѕвезди ја посетиле државата.
- Сè почна со Битола, на 2 август, со Стив Аоки, потоа продолжи оној карван „Силно светнал ден“, кој помина во 11, 12, 13 града, вклучително и манифестацијата во Скопје, како и една манифестација што ќе следува на 15 септември во Тетово. Потоа, во Струмица беа Пол Оукендфолд и Ван Дајк, исто така мегаѕвезди. Потоа следуваше рок-спектакл, исто во Струмица, со македонските рок-групи, кои учествуваа на тој настан, меѓу нив и „Меморија“. Потоа, на градскиот плоштад во Скопје, заедно со, така еве да ги наречам, македонските олстар-ѕвезди. Хосе Карерас настапи на еден навистина голем спектакл и сето тоа кулминира со овој спектакл што се одржа вчера на Градскиот стадион, каде што светскиот број еден, ѕвездата Дејвид Гета, приреди навистина спектакл за паметење - рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари на граѓаните и на сите оние што учествувале во организацијата на сите овие настани бидејќи, како што додаде, покажавме дека како држава знаеме, можеме и умееме да направиме светско, а тоа да се случува тука, во Македонија.
Во однос на реакцијата на СДСМ, дека повторно го користи терминот талог и дека со тоа ги навредува граѓаните, Мицкоски рече дека жали што СДСМ се препознава во овој збор, но додаде дека тој многу прецизно рекол дека талогот не смее да ја победи елитата, затоа што, ако талогот ја победи елитата и стане елита, тогаш вистинската елита ќе си замине, а тоа не е добро.
- И затоа мораме да го победиме талогот. Ќе повторам, жалам што тие се препознаваат како такви. Претпоставувам, и од нивните карактери, иако на отворена сцена навредуваат, измислуваат, клеветат, којзнае како сè нè нарекуваат за да нè омаловажат. Ниеднаш немам кажано, ниту сум се пожалил за тоа што го слушам од нивните прес-конференции. Без исклучок, сè е лага. Ниеднаш не сум излегол на отворена сцена да плачам, да цимолам и да се жалам пред граѓаните. Напротив, тоа е тоа. Ние сме јавни личности и како такви треба дури и со тој тип кампања, лажна и клеветничка, да се справите, да ги засукате ракавите и да го испорачате она што им е потребно на граѓаните. Ова им е потребно на граѓаните. Тие нека тонат во нивното политичко мочуриште, а ние ќе продолжиме да испорачуваме - рече Мицкоски.
Тој ги повикани новинарите утре во Прилеп, каде што рече дека се пушта во употреба нова фабрика, со нови стотици вработувања, задутре ги покани на Клиничкиот центар во Скопје на отворање реновирана клиника, а го спомена и вчерашното пуштање во употреба на реконструираниот охридски аеродром.
- Тоа е Европа. Ние ја носиме Европа дома. Инаку, да, Европа не е по теркот на опозицијата со коленичење, со прифаќање ултиматуми, со потпишување бели хартии. Европа на принципи. Право да стекнеме доверба за да можеме да разговараме. Ние, и тоа го кажав вчера во мојот говор, дека нема подобра алтернатива за земјата и за граѓаните од Европа, но мораме таа алтернатива заеднички, заедно со истата таа Европа, да ја заслужиме. А ние како Влада секојдневно ја заслужуваме испорачувајќи го ова, испорачувајќи реформи, испорачувајќи стандарди. И така ќе продолжиме. Реков мотивирани сме како никогаш досега, а поддршката од народот нè инспирира како никогаш досега - нагласи Мицкоски.
На прашање во врска со обвинувањата од СДСМ дека Владата ќе потроши над 350.000 евра за промовирање на својата работа преку бугарска фирма и дали е оправдано да се трошат тие средства во сегашните економски околности, Мицкоски нагласи дека тие како Владата работат домаќински и за него е најважно се да биде согласно законите.
-Работиме домаќински и она што мене како премиер ме интересира е дали било која јавна постапка е согласно закон или не е согласно закон и затоа јас го повикувам Обвинителството да ги провери сите јавни постапки и доколку констатира дали тие се согласно закон да излезе и да каже, а тогаш овие коишто клеветат ќе треба да се извинат или ако се спротивни на закон веднаш да поведе постапка против тие коишто работеле спротивно на закон. А инаку да, тоа е и работа на Владата да ја промовира својата работа и ова е впрочем денеска промоција мојата изјава што ја давам за вашиот ценет медиум - рече Мицкоски.
Ново на Сител
-

Ферари и Леклер добро минаа по инцидентот во Монца
-

Ненадејно почина познатиот грчки пејач Јоргос Мазонакис
-

Мицкоски: Имам лоша вест за сите што шпекулираа – Давид Гета и сите настани за 8-ми Септември ги чинеа граѓаните 0 денари
-

Вучиќ распиша вонредни парламентарни избори на 25 октомври
-

„Безбеден град“ од сабота ќе се применува и во Велес
-

Угостителските услуги во август на годишно ниво поскапи за 3.7 %
-

За викендот се најавува дожд и пад на температурата
-

Уапсен тетовец, чистејќи го својот имот запалил оган и предизвикал пожар
