Македонија
28. July 2025 - 16:36

Мицкоски најави мерки против растот на цените, анализата е во завршна фаза

Мерки против високите цени, сепак, ќе има. Премиерот Мицкоски рече дека анализата која се прави заедно со експерти и професори е при крај, а се чекаат бројките од државна статистика за инфлацијата во јули.

За изјавата на министерот за економија кој пред неколку дена рече дека нема да има нови мерки, Мицкоски вели дека е погрешно сфатена.

„Можеби поинаку е сфатено. Мерки во моментот нема бидејќи трае анализата. Во моментот кога ќе заврши анализата, се разбира дека ќе има мерки. Мислам дека веќе во завршна фаза е анализата за да излеземе со конкретни мерки и имаме индикатори зошто тоа се случува така“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Се очекува скапотијата да биде во фокусот и на економско-социјалниот совет. Седницата е веќе закажана. Владата, синдикатите и работодавачите ќе се сретнат во среда напладне.

Во меѓувреме, донесена е одлука да се откупат 9.000 тони пченица и околу 2.400 тони ориз и оризова арпа од ланската реколта за стоковите резерви.

„Ова за првпат се прави посебно за оризот и мислам дека во многу нешта ќе ги олесни предизвиците на оризопроизводителите, но и оние коишто одгледуваат пченица, така што ова за првпат како Влада го направивме со измени во законот, стана стратешка култура оризот и на тој начин сега и стоковите резерви ќе имаат ориз“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Производителите на пченица ќе може да конкурираат со количина од 5 до 30 тона, а оризопроизводителите од 3 до 30 тона.