Македонија
26. March 2026 - 13:46

Мицкоски: Од Савески очекувам да истражи како Катица Јанева ги предаде случаите од затвор

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратенички прашаа од Собраниската говорница истакна дека од новиот државен јавен обвинител Ненад Савески има големи очекувања и оти очекува повторно актуелизирање на случаите на, како што рече, тогаш затвореникот Катица Јанева и однесувањето на одредени обвинители и специјални јавни обвинители во делот на обвинителската служба

-Ова се тие две работи кои што верувајте, мора, и јас очекувам лично од новиот државен јавен обвинител да излезе со јасна информација во јавноста. Значи, тој и тој ден тоа се случило. Ако овој јавен обвинител тоа не го направи, ние ќе продолжиме да живееме во држава во којашто одредена група на граѓани ќе биде повластена, а најголемиот дел од нашите граѓани ќе бидат тие кои што ќе живеат во очај, ќе живеат во разочарување дека правдата не важи за сите, истакна Мицкоски. 

Премиерот се осврна на фактот дека голем дел предмети и претставки, кои, како што појасни, дел од институциите како резултат од внатрешната ревизија ги имаат оставено до канцеларијата на Државниот јавен обивнител стојат или во фиоката или се на дното од приоритетите и не се извадени.

-Често пати на седница на Влада имаме точка на којашто ја анализираме работата на институции врз основа на извештаи коишто Државниот завод за ревизија ги доставува до Владата.  И до сега јас лично можеби едно стотина пати имам прашано, добро, ако ова го констатирал Државниот завод за ревизија за сите ова недостатоци, дали ова некаде е  процесуирано. Одговорот е без исклучок да, процесуирано е до Канцеларијата на јавниот обвинител, рече Мицкоски. 

Очекува сите тие предмети да бидат извадени и да се стават во обработка, да се види дали таму има основано сомнение за сторен криминал од тие институции, односно од луѓето коишто ги воделе.

-И верувајте ми, неколку стотици се такви затоа што јавноста со право често пати е критички настроена кон Владата „и вие сте исти. Овие од претходно сите знаевме дека се криминалци. Ништо не направивте“. Јас не можем да го користам тој збор и да кажам знаевме дека се криминалци, но имаше основано сомнение дека имало сторен криминал во многу институции. И за волја на вистината, врз основа на ти извештаи од ДЗР, може да заклучиме дека во тие институции, да, има основано сомнение дека е сторен криминалец. Зошто тоа не е до сега истражено, зошто не е направена истрага, детална анализа, тоа не знам. Може да претпоставиме, нагласи премиерот Мицкоски.

Изрази надеж дека сега со новиот јавен обвинител ќе има детална анализа и врз основа на таа анализа јавноста ќе може да зборува малку повеќе поврзано со ова прашање. 

Првата работа, како што нагласи, е, како магично тогаш затвореникот Катица Јанева предметите коишто биле дел од Специјалното јавано обвинителство ги доставила повторно во судската пракса. 

-Лично очекувам најмалку уште две работи кои се многу важни во историска смисла на зборот за иднината на оваа држава. Ако не ја откриеме вистината за тие две работи, тогаш цело време ќе живееме во илузија. Првата работа е како магично тогаш затвореникот Катица Јанева, предметите кои беа дел од СЈО ги достави повторно во судската пракса. На ова прашање мора да најдеме одговор. Тоа е важно за иднината на оваа држава и за правосудниот систем и владеењето на правото. И второ, исто така според мене многу важно, ако сакаме вистинска иднина, а ова ќе го поделиме на две подгрупи, како се судеше група на луѓе за тероризам и врз основа на кои докази и како се изнудуваа изјави од тогаш така наречен заштитени сведоци и втората подгрупа прашања за колкави дополнителни примања и бонуси станува збор за така наречен специјални јавни обвинители и зошто се плашат овој предмет да влезе во фаза на истрага и во судовите, рече Мицкоски.

Ова, рече тој, се многу важни работи, во името на вистината и во името на иднината на оваа држава и во името на владеењето на право.

-За овие две работи мора јавноста да ја доза вистината, ако сакаме да имаме правна држава. Се останато е дневна борба против криминалот и корупцијата. Извештаите на Државниот завод за ревизија, внатрешните ревизии кои што институти си ги направија и така натаму. Сето тоа, сето тоа е многу нешто кое е дневна тековна работа, истакна Мицкоски. 

На Собраниската седница за пратенички прашања  одговарајќи на прашање на Силвана Ангелевска од ВМРО - ДПМНЕ, тој упати апел за кого и да постои основано сомнение дека сторил криминал, вклучително и за актуелната Влада јавниот обвинител да отвори истрага и да ја истурка до крај. Според него, не смее да има повластени.

-Не постои за една нација, за една држава поголема Ахилова пета од луѓе кои што носат одлуки во името на таа нација и таа држава, а се корумпирани, затоа што тие веќе не се свои и стравувам дека одлуките што ги носат може да бидат на штата на целата нација, на сите граѓани, на штета на самата државата. Затоа е подобро да се спречи, отколку потоа да се лечи. Затоа мојата порака, еве од тука, од оваа говорница во Собранието до државниот јавен обвинител е: нема повластени. Кој сака нека биде. Доколку постои основано сомнение за криминал  да се истражи. Има инструменти, предистрага, истрага и така натаму и сето тоа да се обелодени, пред јавноста и јавноста мора тоа да го знае. Само така ќе можеме постепено да ја вратиме довербата кај граѓаните. Во спротивно и ние нема да успееме ќе бидеме една од многуте влади кои што за жал не успале. Ние сме Влада која што со своите постапки до сега покажува дека доколку постови еклатантен доказ за злоупотреба, постапува веднаш, без разлика за кого станува збор. И така да очекувам, така и да се однесува и новиот државен јавен обвинител, подвлече Мицкоски.

 

МИА

Ново на Сител