Мицкоски по средбите со Макрон и Мерц во Тиват: Разговаравме за регионот, за европските перспективи и за иднината на нашите граѓани

Премиерот Христијан Мицкоски, кој учествува на Самитот Европска Унија - Западен Балкан во Тиват, денеска имаше средби со францускиот претседател Еманула Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
- Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред, објави Мицкоски на Фејсбук по средбата со Макрон.
Со германскиот канцелар Мерц, пак, како што наведува, размениле мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција.
- Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион, пишува Мицкоски.
На Самитот ЕУ - Западен Балкан што се одржува во Тиват под мотото „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, главна тема е проширувањето на Унијата.
Со собирот претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, кој претходно ги посети земјите од регионот, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На Самитот присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола.
Франција и Германија, на Самитот ќе презентираат нон пејпер во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство.
Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување - се наведува во француско-германскиот нон пејпер.
Во документот, со наслов „Нов поттик за проширувањето во пресрет на самитот ЕУ - Западен Балкан (5 јуни 2026) и самитот ЕУ - Молдавија (22 јуни 2026)“, се оценува дека „проширувањето останува една од најпривлечните понуди и највлијателни политички алатки што ги поседува Унијата“.
„Но на политиката на проширување ѝ е потребен нов поттик. Претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја заокружиме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во текстот.
Според документот, потребно е воведување дополнителни стимулации во процесот заснован на заслуги и постепено поедноставување на сегашната методологија со цел да се овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми.
МИА
Ново на Сител
-

Вашингтон воведува нови царински маржи за 60 држави, реакции од ЕУ, Австралија, Нов Зеланд
-

Украински напад врз магацин во Санкт Петерсбург, предизвикан голем пожар
-

САД и ноќеска извршија напади врз цели во Иран, Техеран соопшти за експлозии во повеќе региони
-

Почна трката за генерален секретар на ОН, шест кандидати дебатираа пред Генералното собрание
-

Арагчи: Опасен преседан најавите на Трамп за користење запленети ирански средства
-

Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
-

Тошковски: Одговорност ќе се побара од секој кој со извршување или неизвршување бил вклучен го загадувањето на водата во Гостивар
-

Иран: Секоја британска база што ќе ја користат САД ќе биде легитимна цел
