Мицкоски: Сите настани за независноста ги чинеа граѓаните нула денари
Серијата настани и манифестации организирани по повод 35 години независна Македонија, меѓу кои и вчерашниот концерт на Дејвид Гета, ги чинеа граѓаните нула денари. Премиерот Мицкоски обелодени дека од буџетот не се потрошени пари за организирање на свеченостите, туку се било организирано од општествено-одговорни компании.
„Лошата вест е дека Буџетот сите овие настани го чинат нула денари. И граѓаните и буџетот ги чинат сите овие настани нула денари. Слободно можете да проверите open finance, отворени финансии - ќе проверите дека сето ова граѓаните и буџетот ги чини нула денаир. Се е организирано од општество одговорни компании“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Ова е првпат владата да открие колку и дали воопшто потрошила пари за организирање на настаните, по многубројните барања од опозициските партии да ја соопштат сумата.
„Јас жалам што кај поединци што мислат како тие би правеле и некој друг така прави. Оваа влада е домаќинска, оваа влада е промакедонска која се грижи за граѓаните и секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин“, додаде премиерот.
Од МВР констатираат дека синоќешниот конерт поминал без поголеми инциденти, освен две нарушувања на дневниот ред и мир.
„Целиот настан, од безбедносен аспект, помина во најдобар ред. Обезбедувањето беше успешно реализирано, сообраќајниот режим се одвиваше непречено, а протокот на посетители пред, за време и по завршувањето на концертот се одвиваше без поголеми проблеми и застои. Регистрирани беа две нарушувања на јавниот ред и мир, истите веднаш се расчистени при што приведени се пет лица“, велат од МВР.
По концертот кој собра 50.000 лица на арената Тодор Проески, службите на Комунална хигиена се фатија за работа. Вработените денеска ги расчистуваат трибините на стадион, улиците и корпите во Градскиот парк.
„Грижата за Скопје продолжи во раните утрински часови. Веднаш по завршувањето на светскиот спектакал, екипите на Град Скопје започнаа со расчистување на отпадот околу стадионот и во градскиот парк. Со многу посветеност и труд се погрижија зад големата прослава да останат убавите спомени, а утрово просторот повторно да биде чист и уреден“, напиша градоначалникот на ФБ, Орце Ѓорѓиевски.
Скопје синоќа пулсираше во знакот на францускиот диџеј. Публиката која го наполни целиот стадион ја сочинуваа различни генерации, млади, родители, пријатели и семејства.
Енергијата започна да се загрева уште пред главниот настап, а по музиката на Sempre и дј Никифор, на сцената се појави Гета. Со препознатливите хитови, моќниот звук, светлосни ефекти и огромната сценска продукција, арената за неколку часа се претвори во музички спектакал. За дел од публиката ова беше повеќе од концерт – искуство кое долго ќе се памети.
Од Аволон велат дека е неверојатно тешко да се организира настан од вакви размери, но таков и доликува за роденднот на Македонија. Вчерашниот настан на Гета претставува завршница од 16 настани организирани по повод 35 години независност на Македонија.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
