Македонија
29. January 2026 - 14:04

Мицкоски: Средбите во Давос ќе имаат придобивки во повеќе сектори

Билатералните средби со највисокото раководствата на компанијата „Филипс“ за Европа, третиот мобилен оператор „Фор-ај-џи“ и Светката енергетска асоцијација на кои биле соопштени придобивките од тие сектори, се дел од активностите на премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос.

Тој денеска одговарајќи на прашање на пратеничката Драгана Арсова од ВМРО - ДПМНЕ во македонското Собрание нагласи дека следната година во Давос треба да има поголемо присуство на македонска бизнис делегација, бидејќи смета дека бизнис средбите се суштински и значајни на тој настан.

На средбата со највисокото раководство „Филипс“ за Европа, тој нагласи дека бил запознаен дека со набавката на медицинска опрема постоела можност за грант од најмалку 35 отсто.

-Како Влада имаме намера да правиме мапирање на потребите на здравствените установи на целата територија на државата во делот на инструменти и опрема. А цениме дека „Филипс“ е една од водечките светски компании, којашто од свое производено портфолио може да испорача светски квалитетна, современа опрема, за да ги задоволи потребите на нашите здравствени установи. И ако не беше таа средба, ние немаше денеска да знаеме факт дека најмалку 35 отсто може да биде грант, од вкупната вредност на опремата којашто тие би ја испорачале. Значи ако нешто чини 100 парички, минимум 35 парички ќе ни биде грант за нашите здравствени установи од производната гама на светски познатиот бренд Филипс, истакна Мицкоски.

Во Давос, посочи, бил запознаен и со придобивките од третиот мобилен оператор „Фор-ај-џи“.

-Трет мобилен оператор значи конкуренција, пониски цени, поголем квалитет и многу придобивки за граѓаните. Покрај тоа минимум 100 милиони евра ќе биле инвестирани. Тоа значи стотици добро платени нови работни место и поголема конкуренција, рече Мицкоски.

На Светскиот економски форум во Давос, посочи, биле истакнати и темите за енергијата и вештачката интелегенција.

-Општество кое нема ова да го препознае и нема да го имплементира е осудено на пропаст, нема да биде конкурентно, ќе нема економски развој, приходи во буџетот, ќе нема ни за земјоделци, образование, здравство, за ништо. И тоа е многу важно. За вештачката интелигенција да работи соодветно и понуди услуги за граѓаните и за економијата и генерално во општеството, потребно е да имаме дигитална демократија, дигитално општество и да имаме дата центри со робусни, моќни компјутери коишто се континуирано напоени со струја. Тоа значи дека ќе биде потребно да се изградат нови производи капацитети за електрична енергија, рече Мицкоски.

Светскиот економски форум во Давос и Минхенската безбедност конференција за Мицкоски се приоритетни настани на кои треба да учествува премиерот на државата.

 

МИА