Мицкоски: Тоа што не успеаја Тодор Живков и други бугарски политичари со Македонија успеа во време на СДСМ
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања во одговор на прашањето од Митко Трајчулески од СДСМ, за неисполнетите ветувања во однос на евроинтеграциите, одговори дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес, критикувајќи ја опозицијата дека направила стратешка грешка со прифаќањето на т.н. Француски предлог.
Премиерот му порача на Трајчулески дека нема да ги коментира тезите од типот на патриоти и предавници.
-Нема да коментирам, би било лошо да коментирам, можеби некој од вашата пратеничка група ќе ве запознаат за состаноци кои се правеа кај претседателот Пендаровски итн... Ве упатувам таму да добиете одговор, но знам дека после тие состаноци магично во овој Парламент се смени Кривичниот законик со европско знаме, се избриша членот 353, некои дела застареа, некои дела не застареа. Но, кога сме кај политичката стратешка грешка, политичка стратешка грешка беше кога ве молевме да не го прифаќате тој предлог, затоа што го загрозувате не само европскиот пат и европската иднина на Македонија, туку влегувате во историска замка, рече Мицкоски.
Тој во контекст на тоа го спомена т.н. Бледски договор потпишан по завршувањето на Втората светска војна меѓу тогашниот претседател на СФРЈ и тогашниот претседател на Бугарија.
-Во креирањето на тој договор учествувале и претставници од Македонија. Договорот бил дека поради окупацијата на Македонија од страна на бугарските фашистички сили тие требале по ослободувањето да платат воена отштета од 50 милиони долари. Тоа им било простено, не требале да платат и за сметка на тоа дури и отстапиле одредени територии во делот на Димитровград, а за сметка на тоа било прифатено од бугарското раководство македонското население различно од бугарското, во тогашна западна Бугарија во делот на Пиринска Македонија, да има право на самоопределување, одвојување од тогашната комунистичка Бугарија и припојување на тогашната федерација на Југославија, рече Мицкоски.
Потсети дека после тоа во периодот до 47-ма година, меѓу 86 и 92 учители Македонци го учеле тогаш мнозинското македонско население во Западна Бугарија за македонската култура, јазик.
-Но тогаш се случува еден геостратешки потег во којшто лидерството на Советскиот сојуз влегува во конфликт со тогашна Југославија и тогаш лидерството на Советскиот сојуз му кажува на лидерството на комунистичка Бугарија да ги избрише сите права кои се доделени на македонскиот народ, рече Мицкоски, додавајќи дека била извршена асимилација.
Премиерот Мицкоски потсети дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес.
-Нема да ве вратам во времето на Батембер, во времето на Егзахот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но не успеале. Потрошиле два буџети, но не успеале. Но тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не им успеало на Батемберг, преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И да тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во Извештај. Вие прифативте доброволно, потпишувајќи го, лажејќи тука во Парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи, одговори Мицкоски.
Трајчулески му реплицираше на Мицкоски дека како премиер ја има најголемата одговорност да носи одлуки, да обезбеди максимален консензус со цел да ја обезбеди иднината на сегашните и на идните генерации.
Претходно, Трајчулески од говорницата оцени дека оваа власт „не само што не успеала да обезбеди подобрена Преговарачка рамка и уставни измени како што ветувала, туку нашите меѓународни позиции особено за нашиот европски пат, дополнително се влошиле“.
-Наместо подобрена Преговарачка рамка Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за извештајот за Македонија во Европскиот парламент, рече Трајчулески.
Според него, се реотворило прашањето кое било целосно затворено за 26 земји-членки на Унијата, освен за Бугарија. Истакна дека сега повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата, прашувакќи го премиеорт дали сака да ја врати Македонија во 2008 година.
МИА
Ново на Сител
-
Косовец кој криумчарел мигранти при обид за бегство од полицијата оштетил две наплатни рампи, па излетал од патот
-
Вардар елиминиран од Лозана во Конференциската лига на УЕФА
-
Кошаркарите без „Северна“ на дресовите
-
Алкалоид на висински подготовки во Маврово
-
Кадетките на Македонија поразени од Словачка на ЕП
-
Бутел со пет нови играчи во составот за новата сезона
-
Тошковски: Безбедноста во сообраќајот е приоритет за МВР, продолжуваат засилените контроли
-
ЦУК: Од 13 пожари за 24 часа, 12 се изгаснати, еден под контрола