Мицкоски: Важна инвестиција, нов почеток - 100 нови возила за Пошта

Денес зборуваме за една важна инвестиција што не значи само нови возила, туку значи нов почеток, нова енергија и нова функционалност за еден систем што со години беше оставен да се справува сам со предизвиците. Владата, преку Министерството за транспорт, реализираше набавка на 100 нови возила за потребите на Пошта. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува околу два милиони евра, соопшти на денешниот настан премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот Александар Николоски и директорот Орхан Куртиши ги промовираа новите возила.
-Ова не е случајна одлука. Ова е одговор на реална потреба, нагласи премиерот.
Просечната старост на возилата со кои досега работела Пошта, како што информирааше премиерот, е околу 15 години.
- Тоа значи застарена опрема, чести дефекти, зголемени трошоци и намалена ефикасност. Тоа значи доцнење на пратките, незадоволство кај граѓаните и намалена доверба во системот. Ние решивме да ставиме крај на тоа, истакна премиерот.
Оваа набавка е дел од поширока стратегија, додаде тој, да се обноват институциите, да се модернизираат јавните услуги и да се направат функционални за граѓаните. Затоа што институциите постојат, нагласи, за да служат, а не да бараат оправдувања.
Со новите возила, како што рече, Пошта ќе може побрзо, поефикасно и посигурно да ги доставува услугите до секој граѓанин, до секое населено место, до секоја компанија. Ќе се намалат трошоците за одржување, ќе се зголеми продуктивноста, а услугата ќе стане поквалитетна.
Но, премиерот најави дека ова е само почеток. Во рамки на Планот за раст, се работи на конкретни мерки со кои, како што подвлече премиерот, ќе се зголеми конкурентноста на Пошта.
-Нашата цел е јасна – да создадеме современа, ефикасна и одржлива институција. Предвидуваме подобрување на ефикасноста во испораката на услугите и намалување на трошоците за најмалку 15 проценти. Истовремено, работиме на подобрување на индикаторите за профитабилност, исто така за околу 15 проценти. Тоа значи подобро управување, подобра организација и подобри резултати, подвлече премиерот.
Според него, ова е разликата помеѓу зборови и дела. Помеѓу ветувања и реализација.
-Затекнавме систем кој долго време функционирал со минимални инвестиции, со застарена опрема и со нарушена ефикасност. Денес, чекор по чекор, го враќаме во функција. Го нормализираме, го модернизираме и го подготвуваме за иднината, дециден беше Мицкоски.
Пошта, истакна, мора повторно да стане сервис на кој граѓаните ќе му веруваат.
-Институција која ќе биде партнер на бизнисите. Систем кој ќе може да одговори на современите предизвици, особено во време на дигитална трансформација и раст на електронската трговија. Ние не ветуваме лесен пат, но ветуваме работа, посветеност и резултати затоа што доаѓа времето кога институциите ќе работат за граѓаните. Доаѓа времето кога државата ќе испорачува, порача Мицкоски.
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

Трговците сами си ја намалиле заработката за да нема нагло поскапување на производите
-

Протест на студентите и граѓаните кои работеле во странство пред УЈП - не сакаат да платат данок ретроактивно
-

Мицкоски: Имам чувство дека поранешни премиери од опозицијата ќе бидат под прогон
-

Средба Муцунски - Прево
-

Пратениците со оценка 5,7 за тоа каков говор користат на говорница
-

„Безбеден град“ казнува електронски, но потврдите за уплата сè уште се доставуваат лично на шалтер
-

„Ме удираш по бубрези како што татко ти те удирал тебе“ – нови снимки од насилството на Стојанче Јовановски
