Македонија
26. October 2025 - 16:45

Мицкоски за Рамадани: Себичен потег кој им штети на другите кандидати на ВРЕДИ

Повиците за етничко гласање на поединечни кандидати на ВРЕДИ им штетат на останатите сопартијци кои ја очекуваат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг.

Ден откако кандидатот на ВРЕДИ за градоначалник на Брвеница Хаким Рамадани побара поддршка од гласачите на ДУИ за да го поразат градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски со порака дека Рамадани по избори ќе биде разрешен и од позицијата Директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Претходно ваква изјава даде и Билал Касами, но Мицкоски вели дека не гледа проблем со целата коалиција ВРЕДИ.  

„Направи голема грешка пред се за кандидатите, од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини, така што толку себичен потег од политичар до сега поновата историја Македонија не видела. Да влегува и мисли само за себе и својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати кои исто така се борат во вториот круг за градоначалнички мандат навистина со жалење. Исто така изминатите денови со влијателни претставници на меѓународната заедница зборувавме многу сериозно бидејќи тоа стигнало и до нив така што и тие гледаат со големо жалење и просто со неверување тоа што го слушаат,  дека некој во 21 век може да користи таков речник“, кажа Мицкоски.

Кадровски промени во СДСМ по вториот круг од изборите најавува и Филипче. Вели иако во одредени општини и покрај притисоците врз нивните членови успеале да добијат поголем број гласови, сепак мора да се анализира и пораката на гласачите особено во скопските општини каде резултатите не биле според нивните очекувања. Во следните денови СДСМ ќе одлучи кои кандидати ќе ги поддржи во општините каде нема да се натпреварува во вториот круг.  

„Ќе донесеме заклучок најдоцна до среда. Одлуката ќе се темели на локалните околности, анализите на општинските организации и расположението на членството. Поддршката нема да се заснова на етничка припадност, туку на политички ставови и вредности. Мултиетничкиот карактер и добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет. Разговорите се во тек и не се ограничени само на Кичево и Брвеница, туку и на други општини, меѓу кои Скопје, Карпош и Куманово“, рече Филипче. 

Обвинувања за непринципиелни коалиции си разменија и албанските партии. Од ВРЕДИ велат дека секојдневно доаѓа до израз срамниот договор на ДУИ со Левица за поддршка во повеќе општини, додека од ДУИ возвратија дека ВРЕДИ ги заменува Албанците со Срби на раководни функции во повеќе институции.