Михајлов: Да биде ова долго европско лето за ФК Силекс
Фудбалерите на ФК Силекс утре во 16ч на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го играат првиот квалификациски дуел за Лига Европа со молдавниот претставник Петрокуб. Кратовци се задоволни што повторно се во фудбалска Европа и како што изјави тренерот Михајлов желбата е да биде ова долго топло европско лето за Силекс:
„Имаме прилика и шанса како освојувачи на Купот да имаме европско лето. Се надевам дека ова лето ќе ни потрае така. Имаме против нас квалитетен противник, екипата на Петрокуб, според оние информации кои ги имаме. Се работи за тим кој четири години константно игра во ист состав, не прават промени. Во сезоната освежуваат со неколку млади играчи. Веќе три години Петрокуб му е конкурент на водечкиот Шериф. Се работи за цврста екипа, има силни и високи играчи, немаат фудбалер под 180 сантиметри. Тоа ќе донесе и здрави дуели.
Но, ние не се предаваме. Европа е предизвик. А, приоритет ќе биде Силекс да се врати во ПМФЛ. Ова ќе биде натпревар во кој играчите ќе уживаат и верувам ќе има и што да покажат“, изјави на прес конференцијата новиот стратег на ФК Силекс, Горазд Михајлов.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар