Фудбал
29. September 2015 - 19:30

Милевски ги повика најстандардните за гостувањето во Северна Ирска

 Селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Благоја Милевски денеска го соопшти списокот на фудбалери на кои ќе смета за квалификацискиот натпревар против селекцијата на Северна Ирска на 13 октомври на гостински терен.

Во тимот на Милевски за прв пат е повикан офанзивниот фудбалер на Брегалница, Стефан Мишев,  повратници се Тихомир Костадинов, Алекса Амановиќ и Бесмир Бојку.

На списокот на Милевски се наоѓаат:    

Голмани: Игор Алексоски, Дамјан Шишковски и Давор Талевски.

Одбрана: Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Леон Најдовски, Алекса Амановиќ, Бесир Демири, Филип Ристовски и Мевљан Мурати.

Среден ред: Бобан Николов, Енис Барди, Бесмир Бојку, Бурхан Мустафов, Даниел Аврамовски и Давид Бабунски.

Напад: Марјан Радевски, Кире Маркоски, Виктор Ангелов, Тихомир Костадинов, Демир Имери и Стефан Мишев.

- Нема големи промени во составот на репрезентацијата во однос на претходните натпревари. Стефан Мишев од Брегалница е дебитант, нова прилика за докажување добиваат Костадинов, Амановиќ и Бојку. Поради суспензија за натпреварот со Северна Ирска го немаме Дарко Велковски, а поради тоа што сакам да имаме алтернатива на позицијата централен дефанзивец го повикавме Амановиќ. Се надевам дека сите повикани играчи ќе бидат на собирот на 7 октомври и ќе се стават во функција на репрезентацијата, изјави Милевски.

Македонскиот селектор очекува тежок дуел и смета дека Северна Ирска е сериозен противник без оглед на моменталниот ранг.

- Сметам дека за нас ова ќе биде еден од најтешките натпревари во овие квалификации, без оглед што противникот е послабо рангиран од нас. Од натпреварите кои ги анализиравме заклучокот е дека се многу агресивни, дисциплинирани и исклучително желни за успех. Во составот имаат играчи кои настапуваат во премиер лигите на Ирска, Шкотска и Англија, изјави Милевски