Македонија
26. March 2026 - 16:37

Минчев од Брисел: Работиме на реформите за ЕУ, но и на заштита на македонскиот идентитет

Професионална администрација, ефикасни институции и услуги во интерес на граѓаните и бизнисот се фокус на Министерството за јавна администрација. Оваа порака ја испрати министерот Минчев на 14-тиот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација помеѓу Европската комисија и Македонија, кој за прв пат се одржува во Брисел.

Додека активно се работи на неопходните реформи, Минчев вели Македонија ја гради европската перспектива паралелно со зачувување на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.  

„Нашата европска перспектива ја градиме паралелно со зачувувањето на националниот идентитет, македонскиот јазик и културниот и историскиот континуитет на Македонија. Станува збор за вредности кои се длабоко втемелени во нашето демократско уредување и кои се дел од процесот на институционално јакнење и развој“ - заклучи министерот, нагласувајќи дека токму преку силни, професионални и отчетни институции се зајакнува и демократската основа на државата.

Министерот истакна дека соработката со Европската комисија е од суштинско значење за успешна имплементација на реформите и токму затоа побара и поголема ажурност од европските институции за да се забрза процесот на комплетирање на законските решенија.

Реформите во јавната администрација се клучни за европската интеграција на Македонија, а подобрување на ова поле нотираше и Европската Комисија во последниот извештај за напредокот на земјава. Минчев изминатиот период најави носење на пакет закони за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа со кои се предвидува кратење на 40% од државните институции, а со тоа и на бројот на вработени во јавната администрација.