Министерството за здравство распиша тендер за нови три дигитални мамографи
Болницата во Крива Паланка прв пат ќе добие мамограф, а во Куманово ќе биде заменет апаратот стар 30 години. Министерството за здравство распиша тендер за набавка на уште 3 нови дигитални мамомати. Третиот мамограф е за битолската болница.
-Во Здравствен дом Крива Паланка досега немало мамограф и ова е прв што се набавува и ќе биде ставен во функција на пациентките од Крива Паланка и целиот тој регион, каде над 250 пациентки годишно беа приморани да го прават ова испитување надвор од местото на живеење, изјави Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здарвство.
Откако ќе бидат инсталирани и на новите мамографи ќе се прави бесплатен скрининг за рано откривање на рак на дојка. Оваа дијагностичка процедура успешно се реализира на претходно набавените 11 вакви апарати за исто толку здравствени установи.
-Станува збор за најсовремени мамографи кои содржат компјутерски помогната детекција, што сериозно ја олеснува дијагностиката и се намалува можноста за докторска грешка. Ова многу помогна за одлично функционирање на скринингот на рак на дојка и досега се направени 14.500 прегледи, од кои кај 18,5 проценти се детектирани определени промени и упатени на натамошни испитувања, рече Тодоров.
Вредноста на трите нови мамографи е околу 20 милиони денари.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
