Македонија
18. May 2026 - 16:31

Министрите ќе може да имаат двојно државјанство, предлог законот на СДСМ не помина во Собрание

Пратениците во Собранието не дадоа зелено светло министрите да имаат само едно, македонско државјанство. Предлогот на СДСМ, со кој членовите на Владата требаше да се откажат од други државјанства кои ги поседуваат, не ја доби поддршката од владејачкото мнозинство.

За гласаа само 20 пратеници од опозицијата, недоволно за да се отворат вратите за измените.

Иницијативата дојде откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ веќе предложија слични измени, со кои и самите пратеници би биле ограничени да имаат само македонско државјанство.

Има министри во Владата кои имаат едно или повеќе државјанства, а бидејќи таков услов се поставува во Законот за пратеници, тогаш треба да имаме едно вакво законско решение со кое ќе ограничиме само државјани на Македонија да можат да бидат членови на влада. Ова не е спротивно на идејата понудена од ВМРО-ДПМНЕ во Законот за пратеници, а со ова ќе ги исполниме и очекувањата на граѓаните. Оние кои се обврзуваат дека ќе им служат на граѓаните, да имаат само македонско државјанство. Има членови на Владата со бугарски, чешки државјанства, зборувам за министерката за енергетика Сања Божиновска.

Предлог законот со кој се предвидува пратениците да имаат само македонско државјанство засега останува заглавен во собраниските комисии. Иницијативата, поднесена од пратеници од владејачкото мнозинство, беше блокирана од опозициската ДУИ со околу 200 амандмани.

Предлогот отвори реакции во јавноста, дел од критиките се однесуваат на неговата избрзаност, како и на тоа дали е правно и уставно издржан. И премиерот Мицкоски предупреди дека пред вакви измени се потребни консултации со правни експерти. Аналитичарите пак, посочуваат дека во земјава нема јасни механизми за проверка на државјанство, па мерката би можела да остане повеќе декларативна отколку навистина применлива.

Во најголемиот дел од земјите во Европската Унија, на пратениците им е дозволено да имаат двојно државјанство.